Климатските промени и зголемувањето на температурите би можеле да загрозат до една третина од глобалното производство на храна, според новото истражување објавено во списанието „Нејчр фуд“ вчера, јавува Анадолу.
Истражувачите од Универзитетот „Алто“ во Финска го анализираа влијанието на идните промени во температурата, врнежите и сушните услови врз растечките капацитети на 30 главни земјоделски култури низ светот.
Според истражувањето, порастот на температурите значително ќе ја намали обработливата земја за основните култури како ориз, пченка, пченица, компир и соја, кои обезбедуваат над две третини од потребите за светската енергетска исхрана.
Регионите со ниски географски широчини ќе бидат многу повеќе погодени отколку регионите со средни и високи широчини. Во зависност од нивото на затоплување, до половина од земјоделското производство во овие подрачја би можело да биде загрозено, бидејќи климатските услови ќе станат непогодни за одгледување, што ќе доведе до значителен пад на разновидноста на земјоделските култури.
Сара Хеиконен, доктор-истражувач и водечки автор на студијата, нагласи дека губењето на разновидноста на земјоделските култури драстично ќе ја намали достапноста на храна за култивирање, додавајќи:
„Тоа ќе ја загрози безбедноста на храната и ќе го отежни внесот на доволно калории и протеини.”
„Тропските коренести култури како јам, кои се клучни за прехранбената сигурност во регионите со ниски приходи, како и житарките и мешунките, се особено ранливи. Во потсахарска Африка, регионот што би бил најмногу погоден, речиси три четвртини од сегашното производство е во ризик ако глобалното затоплување надмине 3 Целзиусови степени“, предупреди Хеиконен.
Од друга страна, во средните и високите географски широчини се очекува земјоделските површини да останат продуктивни, па дури и да се зголеми разновидноста на културите, со можност за одгледување на нови плодови, како круши, во северните области.
Мати Куму, главниот автор на студијата, истакна дека иако климатските услови може да бидат поволни за некои региони, затоплувањето би можело да донесе нови штетници и екстремни временски појави, што би ја направило состојбата уште покомплексна.
„Ако сакаме да го обезбедиме нашиот прехранбен систем во иднина, мораме и да ги ублажиме климатските промени и да се приспособиме на нивните ефекти“, додаде Хеиконен.
„Иако најголемите промени ќе се случат во екваторијалните региони, сите ќе ги почувствуваме последиците преку глобализираниот прехранбен систем. Мораме заеднички да работиме за да ги решиме овие проблеми“, нагласи Хеиконен.