Европа треба да учествува во мировните преговори за Украина, смета еврокомесарката за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
„Војната трае во Европа и ова е прашање на вистински мир и безбедност во Европа. Треба да се смета на нас кога станува збор за секаков вид договори, кога станува збор за навистина завршување и постигнување долгорочен мир“, изјави Калас денеска на маргините на специјалниот самит на Советот на ЕУ.
Европските лидери се собраа во Брисел за да разговараат за европската одбрана и Украина.
„Се надевам дека ќе постигнеме политички договор за поддршката за Украина, бидејќи навистина треба да ги направиме посилни за да можат да ја завршат оваа војна според нивните услови“, рече таа.
Калас додаде дека сите опции се на маса за финансирање на европската одбрана, спомнувајќи грантови, кохезиони фондови или промени во фискалните правила на ЕУ како можности.
„Ова е исклучително важно бидејќи навистина треба да инвестираме повеќе во одбраната“, рече таа.