„Анора“, приказната за њујоршка сексуална работничка која добива нова шанса во животот откако ќе се омажи за богат руски клиент, доминираше на 97. Оскари, освојувајќи пет награди, меѓу кои и за најдобар филм.
„Бруталист“ се закити со три оскари, иако имаше 10 номинации, а мјузиклот „Емилија Перез“ со два, иако имаше дури 13 номинации.
За првпат водител беше Конан О’Брајан, а сè започна со специјален пакет филмски снимки кои му оддадоа почит на Лос Анџелес, кој беше погоден од пожари.
Филмот „Анора“ во режија на Шон Бејкер беше голем победник на 97. доделување на Оскарите. Шон Бејкер доби четири златни статути, за филм, режија, сценарио и монтажа, што е апсолутен рекорд за еден човек да победи за ист филм. Мајки Медисон доби Оскар за најдобра женска улога за нејзината главна улога во овој филм.
Ејдриен Броди го освои вториот Оскар за најдобар актер, 22 години по „Пијанист“, овојпат за улогата на еврејски мигрант и архитект во „Бруталист“. За најдобри споредни улоги беа наградени Зое Салдана за „Емилија Перез“ и Киран Калкин за „Вистинска болка“, кои беа без конкуренција во оваа сезона на филмски награди.
Бразилскиот „Уште сум тука“ е прогласен за најдобар странски филм, додека хрватскиот „Човекот кој не можеше да молчи“ не победи во категоријата краток игран филм.
Можеби најголемото изненадување беше филмот „Комплетно непознато“ кој и покрај осумте номинации не освои ниту една награда.