Немаат македонски корени, но имаат срце кое им чука во ⅞ такт.
Колумбискиот бенд ВардарАнди (VardarAndy) е жива потврда дека музиката е универзален јазик. За екипата на ТРТ Балкан, членовите на оваа автентична група открија како се заљубиле во Македонија, во ритмите на фолклорната музика и во културата што сега ја нарекуваат своја.
„Сѐ започна на универзитет“, раскажува вокалот Јанко Пењафорт. „Таму се запознав со Николас, нашиот гитарист. Тој е математичар, но неверојатен музичар. Почнавме да свириме латиноамериканска музика, но и источноевропска, бидејќи имам украинско потекло. Свирев и пеев украински, полски и романски песни.“
Патот кон македонската музика, сепак, бил љубов на прво слушање.
Во декември 2023 година, присуствувале на концерт на Влатко Миладиновски на фестивалот „Зимска приказна“. „Бев апсолутно фасциниран,“ пренесува Јанко. „Тогаш сфатив дека морам да учам македонски песни.“
По враќањето, не престанал да пребарува македонска музика. „Првата песна што ја најдов беше 'Македонско девојче' – се разбира. Но, првата песна во која се заљубив беше 'Јовано, Јованке', во верзија на групата Молика. Кога го видов видеото со кадри од македонски градови – солзи ми потекоа. Сфатив дека оваа музика мора да стане дел од мојот живот.“
Од љубопитност, бендот прераснува во проект со визија. „Сигурен сум дека ќе експериментираме со инструменти и ритми,“ додава Јанко. „Ја внесувам јужноамериканската перкусија во македонски песни – ќе споиме кумбија, салса и македонски ритми. Ќе биде интересно.“
За Колумбијците, македонскиот звук е егзотичен. „Луѓето прашуваат од каде е оваа музика. Сакаме на нашата публика во Колумбија и Јужна Америка да ѝ покажеме дека Македонија е прекрасна земја, полна со музика и култура.“
Фасцинацијата не е еднострана – реакциите од македонската публика се топли и полни со воодушевување. „Некои сакаат да не прегрнат, други не поздравуваат на улица. Тоа е прекрасно,“ вели Јанко со насмевка.
Хуан Давид Карион, исто така член на бендот, се присетува на првиот контакт со македонскиот ритам. „Јанко ме запозна со тактовите - 7/8, 11/16, 18/16… Претходно свирев само во 4/4. Но ова беше нов свет. Многу убаво, многу интересно.“
Хуан вели дека ја чувствува љубовта што Македонците ја имаат кон сопствената култура. „Сите се благодарни што ја свириме нивната музика. А кога играм со нив на забави, свадби или фестивали, се чувствувам како дел од големо семејство.“
Гитаристот Николас Кастањо, кој веќе двапати престојувал во Македонија, додава: „Овие два месеца се посебни за мене. Луѓето не препознаваат, се однесуваат пријателски. Сакам да им се заблагодарам на сите - прекрасни сте. Да, мала земја, но со голема душа, музика и храна.“
За нив, ова не е само проект - ова е посветеност.
„Нека живее вечно македонската музика“, порачуваат во еден глас.
Автор: Мелани Ристеска
ТРТ Балкан