Четиринаесет Палестинци се убиени, а 31 се ранети кога израелската армија отвори оган на контролните пунктови во Појасот Газа каде што се дистрибуираат пакети со храна од страна на Хуманитарната фондација Газа (ГХФ), објави денес Ал Џезира.
Според извештајот, пукотницата се случила на пункт за дистрибуција на храна во Рафах, во близина на Ал Маваси, но и во централниот дел од Појасот Газа.
Ал Џезира наведува дека повеќето од жртвите биле застрелани во горните делови од телото - градите, вратот и главата.
Катарската телевизија додава дека местата за дистрибуција се наоѓаат на пуст терен, на места каде што израелските булдожери уништиле станбени куќи, и дека израелските сили испукале боева муниција и солзавец за да ги растераат Палестинците кои дошле да ги соберат пакетите со помош.
Според Ал Џезира, додека Палестинците се приближуваат до станиците за помош, израелската армија почнува да отвора оган, израелските квадрокоптери лебдат над нив, а израелските тенкови продолжуваат да ги напаѓаат барателите на помош.
ГХФ, кој е поддржан од Соединетите Американски Држави и Израел, претходно објави дека денес во Појасот Газа ќе бидат отворени три центри за дистрибуција на помош, од кои беше најавено дека локацијата Вади Газа во централниот дел на Појасот ќе биде отворена во 6 часот наутро, додека двата објекта Тел Султан во јужна Газа ќе бидат отворени напладне.