Српскиот претседател Александар Вучиќ ги коментираше денешните нереди во српскиот парламент, велејќи дека тоа е „насилнички и хулигански чин“ и дека бара кривична одговорност за опозицијата.
Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека денеска е тежок ден за Србија и дека сите биле сведоци на нешто што не го виделе од воспоставувањето на повеќепартискиот систем во последните 35 години.
„Станува збор за насилничко, хулиганско однесување, не сакам да кажувам остри зборови за тие што го направиле, не затоа што не заслужуваат, туку затоа што бараме одговорност, кривична и правна. Чекаме да видиме што ќе направи обвинителството, бидејќи ако беше обратно, до сега сите ќе бевме обесени“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека разговарал со повредените пратенички Јасмина Каранац и Соња Илиќ и дека ја посетил Јасмина Обрадовиќ, која преживеала мозочен удар и била на интензивна нега.
Вучиќ рече дека пратеничката Соња Илиќ која е во осмиот месец од бременоста е добро и дека нејзиното бебе е добро.
Првото основно јавно обвинителство во Белград, во врска со инцидентот во парламентот, побара МВР да собере информации, да прибави докази и да утврди кои се сторителите на делото, кое го квалификува како „тешко кривично дело против општата безбедност“.
Пратеникот од опозицијата и претседател на конзервативната Нова демократска партија на Србија, Милош Јовановиќ, во вторникот попладне на прес-конференција призна дека најголемиот дел од пиротехничките средства ги внел во парламентот, притоа негирајќи дека имало сериозни инциденти.
Вучиќ го нарече Јовановиќ „бедник“ и праша дали такви луѓе треба да ја водат државата.
Тој ја нарече опозицијата „пребогата и арогантна“, истакнувајќи дека пратениците од опозицијата „напаѓале жени, нивни колеги“.
„Нема да мируваме додека тие што го направија ова не одговараат“, нагласи Вучиќ, велејќи дека лидерите на опозицијата „за малку ќе убија“ пратеничка за време на нередите во српскиот парламент.
Во исто време, тој тврдеше дека поддршката за студентските и граѓанските протести во Србија „паѓа“ и дека „лутината ја сменила страната“.
Собранието денеска на дневен ред стави 62 точки и низа закони предложени од преодната влада, а опозицијата ова го оцени како незаконско, барајќи прво да се признае оставката на премиерот Милош Вучевиќ поднесена на 28 јануари, што повлекува пад на целата влада.