Клучни приоритети на НАТО се зачувување на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина и во целиот регион, се истакна денес за време на телефонскиот разговор меѓу заменичка-генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, и членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, пренесува Анадолу.
Беќировиќ информираше за сериозните безбедносни предизвици и ризици со кои се соочува Босна и Херцеговина поради директната закана за Дејтонскиот мировен договор и Уставот на БиХ од страна на раководството на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС).
Заменичката-генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, ја повтори силната поддршка на НАТО за зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Таа ги поздрави активностите на институциите на Босна и Херцеговина за заштитата на уставниот поредок на државата.
Таа нагласи дека Западен Балкан е од стратегиски интерес за НАТО и дека клучните приоритети на НАТО се зачувување на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина и во целиот регион.
Шекеринска и Беќировиќ позитивно ги оценија активностите за подобрување на политичкиот дијалог меѓу Босна и Херцеговина и НАТО, вклучително и посетата на новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, на Сараево следната недела.