Гасоводот Игдир-Нахчиван носи конкретни резултати во стратегиската соработка меѓу Туркије и Азербејџан во енергетскиот сектор, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, известува Анадолу.
„Денес спроведуваме проект што ќе обезбеди долгорочна енергетска безбедност на Нахчиван“, рече Ердоган на церемонијата на свеченото отворање на гасоводот преку видеоконференција, на која присуствуваше и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Ердоган истакна дека Анкара и Баку се решени заеднички да спроведуваат проекти што придонесуваат за мир, просперитет и стабилност во регионот.
„Туркије и Азербејџан се на страната на мирот, стабилноста и напредокот. Ние сакаме само мир во нашиот регион, соработка и заеднички напредок“, додаде Ердоган.
Од друга страна, Алиев посочи дека проектите за нафта и гас не само што ги поврзаа Туркије и Азербејџан туку и ја сменија енергетската карта на Евроазија.
Тој нагласи дека единството на Анкара и Баку е значаен придонес за туркискиот свет и го пофали претседателот Ердоган за неговата улога во поврзувањето на туркиските народи.
Изградбата на гасовод од турскиот град Игдир до азербејџанската енклава Нахчиван започна во септември 2023 година. Овој гасовод ќе доставува природен гас до Нахчиван, кој има околу 500.000 жители.