Францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиско обраќање до нацијата рече дека следната недела во Париз ќе се одржи состанок на началниците на генералштабовите на европските земји кои се подготвени да го гарантираат идниот мир во Украина.
„Без разлика дали мирот во Украина ќе се постигне брзо или не, европските држави мора да бидат способни подобро да се бранат или да одвратат каква било нова акција. Мора да ја зајакнеме нашата одбрана. Во овој поглед, остануваме посветени на НАТО, но мора да ја зајакнеме нашата независност. Иднината на Европа не смее да се решава во Вашингтон и Москва“, рече Макрон.
Според него, на претстојниот состанок ќе бидат донесени повеќе одлуки, меѓу кои и заедничко финансирање на набавката на тенкови, авиони и друго оружје на европско тло како дел од зајакнувањето на одбраната без зголемување на дефицитот, пренесува Фигаро.
Макрон рече дека Франција, заедно со Украина и другите европски земји, подготвиле „цврст и издржлив план за мир“ и дека штом ќе се постигне мир, европските мировни сили би можеле да бидат распоредени за да го обезбедат.
Тој изјави дека патот кон мирот не смее да вклучува напуштање на Украина, истакнувајќи дека Русија го претвори конфликтот во „глобален конфликт“.
„Ги мобилизираше севернокорејските војници и иранската опрема на нашиот континент и во исто време им помогна на овие земји дополнително да се вооружат. Русија на претседателот Путин ги крши нашите граници за да ги убие противниците, манипулира со изборите во Романија и Молдавија и организира дигитални напади врз нашите болници за да ја блокира нивната работа“, рече тој.
Тој додаде дека Русија не го почитувала претходниот договор за прекин на огнот и затоа „не можеме повеќе да им веруваме на зборовите“ на лидерот на земјата.
Макрон оцени дека и Франција е загрозена од конфликтот во Украина.
„Русија стана закана за Франција и Европа. (...) Ситуацијата што ви ја опишувам е таква и мораме да се справиме со неа. А патот кон мирот не може да биде без Украина, тоа директно нè засега нас“, додаде Макрон.
Тој исто така рече дека Франција треба да биде подготвена за можноста САД повеќе да не бидат „на нејзина страна“.
Како што наведе, „Европа има моќ и талент да се натпреварува со САД или Русија“.
Макрон вели дека работи со сојузниците во Велика Британија, Германија и неколку други земји во Европа.
Тој истакна дека заминал во САД пред две недели да ја брани оваа позиција.
„Сакам да верувам дека САД ќе останат на наша страна, но мора да бидеме подготвени ако тоа не е случај“, рече францускиот претседател, додавајќи дека мирот во Украина мора брзо да се воспостави и европските земји да бидат подготвени да се соочат со руската закана.
Францускиот претседател изјави дека „сега сме во нова ера“ и потсети дека САД го сменија ставот за војната во Украина и ѝ се заканија на Европа со зголемени трговски царини.
„Европа мора да се подготви во случај американскиот претседател Доналд Трамп да воведе слични мерки за европскиот блок“, нагласи францускиот претседател, додавајќи дека, доколку тоа се случи, „тој ќе направи се за да го убеди Трамп дека тоа би било лоша одлука“.
Тој, исто така, ги повика европските сојузници да одржат разговори за нуклеарно одвраќање.