Романските власти уапсија шест лица обвинети за формирање организирана криминална група и предавство, за формирање на организација од воен тип и преговарање со руски агенти за повлекување на Романија од НАТО.
Како што e соопштено, доказите во случајот покажале дека од 2023 година петмината обвинети формирале организирана криминална група со цел да го нарушат суверенитетот и независноста на романската држава преку поткопување на политичкиот и одбранбен капацитет на земјата.
„Од 2024 година, уште еден обвинет се приклучил на организираната криминална група, при што сите членови спроведуваале континуирани, свесни, јавни или конспиративни дејствија насочени кон постигнување на предложената цел, се вели во соопштението на обвинителот на Управата за истрага на организиран криминал и тероризам (ДИИКОТ).
Според соопштението, членовите на криминалната група повеќепати воспоставиле контакт со агенти на странска сила, кои се наоѓаат на територијата на Романија и на Руската Федерација.
ДИИКОТ соопшти дека организираната криминална група е формирана под маската на организација и развиена како структура од воен тип, со раководен ешалон (генерален штаб) и извршен штаб, предводен од осомничениот под истрага, пензиониран генерал-мајор.
Истрагата откри дека членовите на групата, преку онлајн платформи, регрутирале следбеници и објавувале видеа (известувања испратени до романските државни органи, национални и меѓународни организации).
„Обвинетите презеле чекори за преговори со странски политички и воени фактори за повлекување на Романија од НАТО, со цел укинување на постоечкиот уставен поредок, политички партии и формирање нова влада составена од членови на организацијата кои ќе заземаат министерски позиции, ќе ги сменат сите вработени во државните институции, ќе усвојат нов Устав и ќе го сменат знамето и името на државата“, се вели во соопштението.
Двајца од обвинетите отпатувале за Москва во јануари, каде што оствариле контакт со луѓе кои се подготвени да ги поддржат напорите на организацијата за преземање на државната власт во Романија, соопштија романските власти.
Предметот денеска ќе биде доставен до судија во Апелациониот суд во Букурешт со предлог за превентивен притвор за четворица обвинети и домашен притвор за уште двајца обвинети.