Во денешниот свет, убавината е насекаде - на нашите телефони, во нашите објави, и на секоја платформа што ја прелистуваме. Социјалните мрежи и инфлуенсерите го обликуваат начинот на кој младите девојки се гледаат себеси. Она што почнува како забава со прелистување на видеа за убавина, брзо може да се претвори во опсесија со нега на кожата. Што се случува кога младите девојки ги следат стандардите за убавина наменети за возрасни?
Во оваа епизода истражуваме како перцепцијата за убавина, поттикната од виралните видеа и трендовите на инфлуенсерите, влијае врз девојчињата.
Сѐ започна со невината желба да изгледа убаво. Скарлет, 11-годишно девојче, обожаваше да гледа инфлуенсери за убавина. Таа беше фасцинирана од нивната сјајна кожа и наизглед магични производи за нега на кожата. Наскоро, тоа восхитување прерасна во опсесија. На само десетина години, Скарлет веќе се грижеше за брчките на лицето. Чистачи, маски, креми за хидратација – таа разви целосна козметичка рутина.
Но, набргу работите тргнаа наопаку. Една вечер, по нанесувањето на нејзините вообичаени производи за нега на кожата, лицето на Скарлет почна да гори и кожата ѝ беше покриена со плускавци. Производите што ги користеше беа наменети за возрасни и беа премногу агресивни за нејзината деликатна, млада кожа. Дури и месеци подоцна, Скарлет сè уште се справуваше со последиците.
Приказната на Скарлет не е единствена. Таа е одраз на еден растечки тренд. Девојчиња на возраст од осум години се јавуваат кај дерматолози со хемиски изгореници и алергиски реакции. Виралните трендови како #SephoraKids ја подгреваат оваа опсесија, терајќи ги девојчињата да пробуваат рутини за нега на кожата наменети за многу постари жени.
Но, штетата не е само физичка.
Стручните лица предупредуваат дека има последици и врз психичкото здравје. Платформи како TikTok и Instagram ги бомбардираат младите девојки со слики на совршена убавина, како беспрекорна кожа и мазна коса. Овие слики и видеа се подобрени со филтри и алатки за уредување. Но, младите девојки понекогаш не ја гледаат магијата зад сцената што ги создава тие совршени изгледи.
Притисокот да наликуваат на овие нереални слики може да има штетни последици. Обемни истражувања покажуваат дека опседнатоста на изгледот може да и наштети на самодовербата. Додека младите девојки се обидуваат да одржат чекор со овие стандарди, тие почнуваат да се соочуваат со анксиозност, проблеми со самодовербата, па дури и депресија додека растат.
За многумина, негата на кожата станува прашање на припадност.
Миа, 14-годишна девојка од Њујорк, не се грижеше многу за негата на кожата. Но, кога се запиша во осмо одделение, сè се смени. Одеднаш, девојките во нејзиното училиште имаа рутина за нега на кожата, а инфлуенсерите на социјалните медиуми ѝ покажуваа точно што треба да направи за да „припаѓа“ на групата.
Како и многу други, Миа го штедеше неделниот џеапарлак за да купи луксузни производи за нега на кожата. Ги купуваше производите кои се рекламираа кај нејзините омилени инфлуенсери. Она што започна како едноставно љубопитство, се претвори во скапа навика - серуми, хидратантни креми, сите од врвни брендови. Производите што ги купуваше чинеа повеќе отколку што многу возрасни би потрошиле. Негата на кожата не беше само за да изгледа добро; туку средство за припадност.
Оваа опсесија со негата на кожата на толку млада возраст е дел од поширок проблем - влијанието на социјалните медиуми врз младите. Миа, како и многу девојчиња на нејзина возраст, беше привлечена од видеата „Подготви се со мене“—каде инфлуенсерите лежерно ги споделуваат своите рутини со милиони следбеници. Овие инфлуенсери често добиваат пари од брендови за видеа да изгледаат многу персонализирани. Го прават тоа да изгледа како совет од еден пријател на друг.
Она што загрижува е нивото на детали и инструкции што овие млади девојки ги добиваат од онлајн туторијали. Тие се учат, чекор по чекор, како да го усовршат својот изглед на возраст кога само почнуваат да го формираат својот идентитет. Студиите покажуваат дека опсесијата со изгледот може да поттикне анксиозност, депресија и проблеми со перцепцијата на своето тело.
Додека оваа опсесија расте, индустријата за убавина профитира од овој тренд.
Истражувањата покажуваат дека децата под 14 години сега учествуваат со голем дел од продажбата на производи за нега на кожа, особено за производи од високата класа. Но, многу од производите што ги купуваат содржат груби состојки; како ретинол и хемиски ексфолијанти. Овие состојки можат да предизвикаат долготрајна штета на младата кожа.
Дерматолозите препорачуваат децата да се држат до основите—само благ чистач, хидратантен крем и крема за сончање. Сè друго е премногу за нивната кревка кожа.
И покрај предупредувањата за опасностите од производите за возрасни, многу компании продолжуваат да ги рекламираат производите на ранливата детска публика.
Некои земји, како Шведска, имаат строги закони за заштита на децата. Таму, тинејџерите треба да добијат дозвола од родителите за да купат производи против стареење. Но, на други места, како во Калифорнија, САД, обидите за регулирање на продажбата на овие производи на деца под 13 години не успеале.
Кај некои родители, битката започнува дома. Многумина се шокирани кога ќе ја видат количината на производи за нега на кожа што ги поседуваат нивните деца. Некои, како Сандра, мајката на Миа, преземаат драстични мерки, фрлајќи ги сите производи за да ја заштитат кожата и благосостојбата на своето дете.
Прво, Миа беше вознемирена. Но, на крајот ја сфати мудроста во одлуката на нејзината мајка. Со поедноставена рутина, нејзината кожа е поздравa, а уште поважно, таа се чувствува посамоуверена.
Мајката на Скарлет, од друга страна, не беше свесна за штетата сè додека не беше предоцна. Сè уште се сеќава на ноќта кога лицето на нејзината ќерка изгоре од производите што требаше да ја усовршат нејзината кожа. Гледајќи ја болката низ која помина нејзината ќерка, стана повнимателна. Денес, таа е поборник за построги предупредувања и поголема заштита на децата на пазарот за нега на кожа.
Додека индустријата за убавина продолжува да расте, а влијанието на социјалните медиуми се шири, јасно е дека треба да се направи повеќе за да се заштитат младите девојки од притисокот да ги достигнат стандардите за убавина кои се нереални. Приказни како оние на Миа и Скарлет стануваат сè почести. И додека некои родители интервенираат, експертите се согласуваат дека промените мора да дојдат од врвот.
Треба да се запрашаме: Што навистина ја поучуваме следната генерација? Дали се работи за убавина, или за прифаќање на тоа кои сме?
Тоа е сè за оваа епизода. Ви благодариме што слушавте, и до следниот пат, останете информирани!