Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска најостро го осуди, како што рече „насилството што блокадерите го вршат врз новинарите и уредниците на РТС“ и порача дека Србија ќе има сила да го заштити уставниот поредок.
На својот Инстаграм профил „будуќностсрбијеав“ ги повика надлежните државни органи да преземат различни мерки за заштита на уставноста и законитоста.
„Ги повикувам надлежните државни органи, во согласност со Уставот и законот, во деновите што следат, за сите прашања, да преземат различни мерки за заштита на уставноста и законитоста. Да се воспостави правниот поредок за да се заштитат јавниот ред и мир. Да биде апсолутно јасно дека Србија како држава функционира и барам тоа да го прават што е можно повеќе без употреба на сила. Тогаш кога е неопходна сила, во тој случај треба да биде најмалку можна, за да се решат работите“, рече Вучиќ.
Тој го изрази своето незадоволство што и денеска, на Велики петок, некои луѓе со насилство се обидуваат да ја уништат државата и нејзините темели и да ги малтретираат оние што мислат поинаку.
„Им го забрануваат правото на работа, им забрануваат движење, им забрануваат дури и да јадат. Им забрануваат да ја емитуваат нивната програма. Што и да мислам за таа програма, страшно е и пораките што им се испраќаат на луѓето кои работат во Српската радио-телевизија. И на оние кои се мајки, баби и деца. Сите тие се виновни само затоа што не се согласуваат со насилниците“, рече Вучиќ.
Оцени дека граѓаните се „заситени“ од ваквата состојба на работите и пораките во државата, но посочи и дека како претседател на Србија секогаш се трудел и се борел работите да се решаваат на мирен, демократски начин, согласно Уставот и законите.
Тој смета дека не смее да се дозволи да продолжи малтретирањето и уништувањето на животите на сите граѓани.
„Лажеа дека полицијата ќе интервенира некаде, иако полицијата мораше да интервенира многу, многу, многу порано. И лажеа за звучен топ. Ги излажаа сите во оваа земја. И ќе продолжат со лаги. Но она што не смее да им се дозволи е да продолжат слободно со малтретирање, шиканирање и уништување на животите на сите граѓани“, рече Вучиќ.
Тој им го честита Велигден на сите српски православни и католички граѓани.
„Сакам да воскресне пристојна, нормална Србија, Србија што ја сакаме и убеден сум дека заедно ќе успееме, не само да ја спасиме Србија, туку повторно да ја издигнеме на пиедесталот на една од најуспешните европски земји. Среќни празници“, нагласи претседателот на Србија.
Телевизијата Eвроњуз денеска упати писмо до српските и европските институции да ја овозможат работата на РТС и без одлагање или оправдување да го осудат прогонот на луѓето од РТС и да направат се за да го спречат.
Студентите блокадери повеќе од три дена ги блокираат објектите на РТС во Белград.