Граѓаните на Шведска решија да преземат директна акција против поскапувањето на храната, организирајќи седумдневен бојкот на најголемите супермаркети во земјата, објави „Гардијан“.
Бојкотот започна минатата недела и брзо стана национална тема, благодарение на објавите на социјалните мрежи.
Според проценките, трошоците за храна за просечно семејство во Шведска се зголемени за околу 2.740 евра од јануари 2022 година.
Според медиумите, цените на основните производи, како кафето и чоколадото, драстично поскапеле, додека пакувањето кафе ја достигна границата од 8,5 евра.
Потрошувачите ги обвинуваат супермаркетите и големите производители дека ги зголемуваат цените за да го зголемат профитот, додека самите супермаркети го припишуваат зголемувањето на цените на глобалните фактори како што се војната, геополитиката, цените на суровините и климатските промени.
Протестите наидоа на поделени мислења меѓу потрошувачите.
Некои веруваат дека бојкотот нема да има долгорочни ефекти, додека други, како Филипа Линд, една од водачите на протестите, ја повикуваат владата да интервенира за намалување на цените на храната.
Иако Шведска забележа послабо купување во супермаркетите за време на протестите, официјалните лица истакнуваат дека е тешко да се процени точното влијание на бојкотот.