Денес, 5 мај, се одбележуваат 80 години од кодификацијата на современиот македонски јазик — еден од најмладите кодифицирани јазици во Европа. Овој датум, кој се смета за официјален почеток на јазичната стандардизација, има огромно значење за културниот и националниот идентитет на македонскиот народ.
„Јазикот е куќа на народот. Без јазик, постоењето на еден народ е незамисливо“, вели писателот, поет и професор Тихомир Јанчовски во разговор за ТРТ Балкан.
Тој потсетува дека токму во 1945 година, на денешен ден, македонскиот јазик ја добил својата официјална јазична норма, според која се развива и функционира до денес.
„Во ера на глобализација и дигитализација, чувањето на јазикот не е нешто што може да се регулира со закон. Тоа е прашање на лична свест. Јазикот е едно од главните идентитетски прашања,“ подвлекува Јанчовски.
Осврнувајќи се на историските основи на македонската јазична политика, Јанчовски го истакнува придонесот на Крсте Петков Мисирков и Блаже Конески во оформувањето на стандардниот македонски јазик. Според него, принципот што го застапувале тие е дека литературниот јазик треба да се збогатува со зборови од сите македонски дијалекти.
„Дијалектизмите не треба да се избегнуваат — токму тие му даваат богатство на јазикот,“ вели тој. „Конески се залагал за употреба на централните говори, затоа што тие се најдалеку од влијанијата на соседните словенски јазици.“
Јанчовски нагласува дека јазикот се одржува преку секојдневна активна употреба — преку зборување, пишување и читање.
„Човек кој нема сериозен однос кон својот јазик е како ветрушка. Не може да го сака ако не го познава добро. Мајчиниот јазик треба да ни биде најмил, најубав, најдобар — и најдобро да го знаеме.“
По повод 80-годишнината, многу институции во земјава организираат настани и манифестации за да се потсети на значењето на јазикот како столб на националниот идентитет, но и како жива материја која се менува и се збогатува преку секојдневна употреба.
Македонскиот јазик, освен што е културно наследство, е и жива врска со минатото и иднината на македонскиот народ.