Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) денес го поздрави неуспехот на лидерот на Христијанските демократи (ЦДУ) Фридрих Мерц да биде избран за канцелар во првиот круг од гласањето на пратениците во германскиот Бундестаг.
Партијата објави дека резултатите ја покажуваат „кревкоста“ на коалицијата меѓу конзервативниот блок ЦДУ-ЦСУ на Мерц и централно-левичарските социјалдемократи (СПД).
„Мерц е првиот кандидат за канцелар во Сојузна Република Германија кој не успеа во првиот круг од гласањето. Ова ја покажува слабата основа врз која е изградена малата коалиција ЦДУ/ЦСУ и СПД“, напиша лидерката на партијата, Алис Вајдел, на социјалната мрежа Х.
Според Вајдел, Мерц треба да се повлече и да го отвори патот за општи избори.
„Како AфД, тргнавме да ја превртиме оваа земја наопаку. Подготвени сме да ја повикаме владата на одговорност. И повикуваме на преовладување на здравиот разум. Г-дин Мерц треба веднаш да поднесе оставка. Треба да се отвори патот за нови избори во нашата земја“, рече таа.
АфД е најголемата опозициска партија откако се најде на второто место, зад ЦДУ на Мерц на предвремените федерални избори во февруари.
Вајдел, како и некои членови на партијата на Мерц, тврдат дека тој не ги исполнил предизборните ветувања, омекнувајќи го ставот на својата партија по клучните прашања со цел да формира коалиција со СПД.
Првиот парламентарен секретар на пратеничката група на АфД, Бернд Бауман, оцени дека Мерц бил оштетен од самиот почеток и дека „ја платил цената за своите махинации“.
„Тој однапред ја плати цената за сите свои махинации, за монструозната изборна измама што никогаш порано не се случила“, рече тој на платформата Х.
Откако постигна коалициски договор со Социјалдемократите (СПД) минатиот месец, Мерц ја налути опозицијата со тоа што протурка голема уставна реформа преку парламентот во заминување за да се овозможи задолжување за масовно зголемување на трошоците за одбрана и инфраструктура, објави Дојче веле.
Мерц претходно не успеа да го освои мнозинството потребно за да стане канцелар во првиот круг од гласањето во Бундестагот, што беше неочекуван пораз за неговата нова коалиција со централнолевичарските социјалдемократи.
Мерц (69), кој ги предводеше своите конзервативци од ЦДУ/ЦСУ до победа на федералните избори во февруари и оттогаш обезбеди коалициски договор со централнолевичарската Социјалдемократска партија (СПД), освои само 310 гласови во Долниот дом на парламентот, изјави претседателката на Бундестагот, Јулија Клокнер.
Против изборот на Мерк беа 307, а тројца беа воздржани. За да биде избран, на Мерц му беа потребни 316 гласа.