Фиорентина, Челзи и Рапид остварија гостински победи во првите натпревари од четвртфиналето на Лигата на конференции.
Фиорентина на гости го победи Целје со 1:2, а Рапид славеше во Шведска против Ѓургарден со 0:1, додека Реал Бетис пред своите гледачи ја совлада Јагелонија Бјалисток со 2:0, Челзи во Варшава ја совлада Легија со 0:3.
Фиорентина, која играше во последните две финалиња во Лигата на конференции, но загуби и од Вест Хем и од Олимпијакос, поведе во 27. минута по брз контра напад, со голот на дефанзивецот Лука Раниери.
„Виолетовите“ го зголемија водството од пенал во 62. минута. Карничник го сопна Мандрагора, а германскиот судија Феликс Цвејер досуди пенал за Италијанците по повик од ВАР-собата и по прегледувањето на видеото. Мандрагора шутираше, а домашниот голман Силва немаше шанса.
Шест минути подоцна домашниот тим намали од уште еден удар од белата точка. Хрватскиот репрезентативец Марин Понграчиќ го собори Аљоша Матко, а судијата веднаш покажа на белата точка. Сигурен реализатор беше Французинот Логан Делаурие-Шаусбе.
Натпреварот го следеа 12.700 гледачи, а на натпреварот во Целје пристигна и претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Александар Чеферин.
Победа на гости оствари и Рапид кој го совлада Ѓургарден со автоголот на Хампус Финдел во 62. минута.
Реал Бетис ја совлада Јагелонија Бјалисток со 2:0 со головите на Седрик Бакамбу (24) и Хесус Родригез (45+2).
Бетис можеше да слави поубедливо. Во 55. минута Родригез ја погоди стативата, а рамката од голот ја погоди и Нејтан во 75. минута.
Лондонски Челзи во првиот натпревар од вчерашната програма ја совлада Легија со 0:3 во Варшава, правејќи голем чекор кон пласман во полуфиналето.
„Сините“ доминираа од првата до последната минута и победата на лондонскиот тим можеше да биде поубедлива.
Легија успеа да се одбрани во првото полувреме, но во вториот дел прими три гола.
Тирик Џорџ ги доведе гостите во водство во 49. минута, а осум минути подоцна Мадуеке погоди за 0:2. На гостите им беше досуден удар од белата точка во 73. минута, Нкунку шутираше, но Тобијаш одбрани. Челзи, сепак, постигна трет гол 25 секунди подоцна, повторно преку Мадуеке.
Легија последен пат играше во четвртфиналето на едно европско натпреварување во 1996 година, кога загуби од Панатинаикос.
Реваншите се на 17 април.