Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави нагло зголемување на царините за канадскиот челик и алуминиум и предупреди на „Национална вонредна состојба“ поради увозот на електрична енергија.
„Врз основа одлуката на Канада, поставувајќи тарифа од 25% за „електричната енергија“ што доаѓа во Соединетите Американски Држави, му наложив на мојот секретар за трговија да додаде дополнителни 25% тарифи, за целиот челик и алуминиум кои доаѓаат во САД од Канада. Оваа одлука ќе стапи на сила УТРЕ, 12 март“, напиша Трамп на Truth Social.
Обвинувајќи ја Канада за наметнување „Антиамерикански тарифи за фармери“ до 390% за американските млечни производи, Трамп исто така рече: „Наскоро ќе прогласам Национална вонредна состојба за електрична енергија во загрозената област. Ова ќе им овозможи на САД брзо да направат што треба да направат за да ја ублажат оваа навредлива закана од Канада“.
Трамп, исто така, ја обвини Канада за неправедна корист од американската воена заштита и изјави дека „Канада плаќа многу малку за националната безбедност, потпирајќи се на САД за воена заштита.
“Ние ја субвенционираме Канада во износ од повеќе од 200 милијарди долари годишно. Зошто? Ова не може да продолжи“, рече Трамп.
Тој уште еднаш ја повтори својата идеја за спојување на Канада со САД, тврдејќи дека единственото нешто што има смисла е Канада да стане педесет и прва држава во САД велејќи дека тоа ќе ги елиминира тарифите и другите трговски бариери.
„Даноците на Канаѓаните ќе бидат значително намалени, тие ќе бидат побезбедни, воено и на друг начин, од кога било досега, повеќе нема да има проблем со северната граница“, додаде тој.
Трамп понатаму предупреди дека ако Канада не ги отфрли тарифите тој ќе ги зголеми, на 2 април, тарифите за автомобилите кои доаѓаат во САД, што како што рече во суштина, трајно ќе го затвори бизнисот со производство на автомобили во Канада.