Црвениот крст денеска соопшти дека на апелот за помош на повредените и за семејствата на настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 100 беа повредени, се собрани над два милиона евра.
„Во апелот на Црвениот крст на РСМ, заклучно со 17.4.2025 година, собрани се 128.011.651,00 денар за настраданите од пожарот во Кочани“, соопштија од таму.
„Денес, Црвенот крст изврши трансфер на средства на 62 семејства на починатите лица. Досега на настраданите семејства вкупно се исплатени 86.100.000 денари. Црвениот крст заедно со партнерите продолжува со испораката на психосоцијална и друга поддршка на населението“, соопшти Црвениот крст.
Од Министерството за здравство, пак, информира дека почина уште едно лице повредено во пожарот во Кочани, кое е 62 жртва на трагедијата во „Пулс“.
„Согласно информации од Воено Медицинската Академија во Белград, денеска претпладне, за жал, подлегна на повредите Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година. Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец. Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад. Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба. Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани“, се вели во соопштението.