Вишиот суд во Белград донесе првостепена пресуда за граѓански случај, според која родителите на Коста Кецмановиќ, кој уби десет лица во основно училиште „Владислав Рибникар“ во Белград треба да платат милиони евра отштета.
Судот во првостепената пресуда ги задолжи Миљана и Владимир Кецмановиќ и училиштето заеднички да им исплатат на 27 членови на семејствата на загинатите во „Рибникар“ вкупно 2.636.666 евра за надокнада на нематеријална штета за претрпена душевна болка и страв поради смртта на блиско лице.
Синот на Владимир и Миљана Кецмановиќ на 3 мај 2023 година уби девет ученици и чуварот во училиштето.
Во образложението на пресудата е наведено дека за претрпената штета на тужителите одговара обвинетиот, малолетниот Коста., имајќи предвид дека бил способен да расудува во моментот на преземање на штетните дејствија.
Родителите Владимир Кецмановиќ и Миљана Кечмановиќ се прогласени за одговорни со оглед на тоа што во текот на постапката е утврдено дека штетата е предизвикана од лошото воспитување на малолетникот, лошите примери и злобните навики кои родителите му ги дале.
Основното училиште „Владислав Рибникар“ одговара за нематеријалната штета што ја претрпеле тужителите, бидејќи во текот на доказната постапка е утврдено дека во периодот пред масакрот, дејствијата на вработените во основното училиште опфаќале пропусти кои, според нивната законска природа, се состојат од штетно дејство на нечинење, кое се состои од непреземање на оние дејствија што ги бара стандардот на соодветна професионална грижа во конкретниот случај.
Против пресудата е дозволена жалба до Апелациониот суд во Белград. Граѓанската постапка ја покренаа 27 членови на семејствата на убиените во ОУ „Владислав Рибникар“.
Со првостепена пресуда на Вишиот суд во Белград, Владимир Кечмановиќ е осуден на 14 и пол години затвор за сторени кривични дела запуштање и злоупотреба на малолетно лице и тешко дело против општата безбедност. Миљана Кецмановиќ е осудена на три години затвор за кривично дело запуштање и злоупотреба на малолетно лице.
Инструкторот за стрелање Немања Маринковиќ е осуден на 15 месеци затвор за давање лажно сведочење.
Коста Кецмановиќ, кој во моментот на убиството се уште немал 14 години, пукал со два пиштоли на татко му, кои ги зел на 1 мај, а на денот на убиството ги ставил во ранец, отишол на училиште и за време на првиот час уби десет лица, а ранил пет ученици и една професорка.