Уште 12 повредени во пожарот во дискотеката Пулс и натаму се на лекување во болници, а еден е нив е во тешка состојба, изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски.
„На лекување во странство имаме седум пациенти, по двајца во Србија, Грција и Туркије и едно лице во Словенија“, информираше Клековски на денешната трибина „Кочани е нашиот приоритет“.
Тој додаде дека од повредените пациенти кои се лекуваат во земјата, тројца се на Клиниката за пластична хирургија, повредени и вратени од Туркије и Бугарија, и двајца во Систина.
„Од овие 12 повредени кои сѐ уште се лекуваат, еден е во тешка состојба. Од другите кои се третираат имаме 16 на плазма третмани, едниот збогатен со тромбоцити, другиот е без збогатување со тормбоцити. Шест се на Клиниката за пластична хирургија и десет во болницата „Св. Наум Охридски“, посочи Клековски.
Според директорот на ФЗОМ, на преврски и слични третмани се 38 повредени, од кои четворица во „8 Септември“, 26 во „Св. Наум Охридски“, пет во Кочани и тројца во Систина. На физикална терапија се 46 лица, од кои, сите се во Кочани, а едно лице во „8 Септември“.
„Третманот со ПРТ (плазма со тромбоцити или без тромбоцити) се практицира кај 16 повредени и тој е супериорен третман за намалување на лузните од изгорениците. Ги повикувам сите повредени кои имаат дилема, страв, да се обратат во „Св. Наум Охридски“ или во Клиниката за пластичка хирургија. Тоа е најдобриот третман што можат да го добијат за повредите во моментот“, потенцираше Клековски.
Тој нагласи дека има значително подобрување на состојбата кај пациент со тешки изгореници по еден месец третманот со плазма.
„Во однос на физикалната терапија само еден пациент се третира во болницата „Св. Наум Охридски“, а сите други се третираат во Кочани. Таму има два физијатри и 4 физикални терапевти за тие 46 пациенти. Во меѓувреме е формиран тим од 15 физијатри и 6 физикални терапевти од Клиниката во Козле и од „8 Септември“ и тие ќе бидат на располагање на испомош на Општата болница во Кочани. Дел од овие физијатри ќе бидат вклучени во проценка на состојбата и каков е текот на рехабилитацијата на овие пациенти“, рече Клековски.
Досега, додаде, се оценети околу 160 повредени, недостасуваат уште 15 повредени кои во моментот на проценка не биле достапни, потенцирајќи дека Македонија има капацитет да го организира понатамошниот третман и рехабилитација на пациентите од трагедијата во Кочани.