По смртта на папата Франциск, кој почина во понеделникот во Ватикан, започна седисваканција или период без папа.
Терминот седисваканција (латински: sede vacante, празен стол) се однесува на период кога е празна бискупската фотелја, во овој случај папската фотелја во базиликата Свети Јован Латеран – катедралната црква на бискупот од Рим и „мајката на сите цркви“.
Камерленго, викар и големиот пенитенцијар
За време на празното место, папските овластувања не се пренесуваат на никого. Со Црквата управува Собирот на кардинали, но со многу ограничени овластувања утврдени со апостолскиот устав Универси Домини Грегис (Universi Dominici Gregis), издаден од папата Јован Павле II во 1996 година.
Со почетокот на седисваканцијата, автоматски им завршува мандатот на сите функционери на Ватиканската курија, освен на тројца. Кардиналот Камерленго (коморник), викарот на Рим и Големиот пенитенцијар остануваат на функцијата.
Камерленгото управува со државата Ватикан и со црковниот имот во отсуство на папата и ја игра најважната улога во овој преоден период. Во моментов таа функција ја има ирскиот кардинал Џозеф Кевин Фарел.
Викарот на Рим ја предводи Римската епархија во име на папата, а сегашната функција ја има италијанскиот кардинал Балдасаре Реина.
Големиот пенитенцијар е задолжен за прашањата за простување на гревот, а оваа позиција моментално ја има италијанскиот кардинал Анџело Де Донатис.
Исто така, за време на празно место, се менува и грбот на Светата столица - од него се отстранува папската дијадема над вкрстените клучеви.
Конклави и собранија
Според уставот Универси Домини Грегис, конклавите за избор на нов папа може да започнат не порано од 15 и најдоцна 20 дена по смртта или оставката на папата.
Речиси шест века тој период од околу три недели е резервиран за оплакување, збогување и погреб на починатиот папа.
Единствен исклучок беше ненадејната абдикација на Бенедикт Шеснаесетти.
Во 20 и 21 век девет пати имало седисваканција, кои во просек траеле 17 дена.
За време на периодот на испразнетото столче на бискупот од Рим, деканот на Собирот на кардинали, функција која сега ја има италијанскиот кардинал Џовани Батиста Ре, претседава со дневните состаноци - општи конгрегации на кардинали - кои управуваат со Црквата за време на периодот на транзиција.
Овие конгрегации често служат за воспоставување насоки и одржување неформални дискусии за можните кандидати за новиот папа. Кардиналите честопати се собираат неофицијално, по јазик или регионална група, внимавајќи да ги држат овие дискусии подалеку од очите на јавноста.
Собирот на кардинали нема папска власт. Нивните должности се сведуваат на редовна работа и решавање на прашања кои не можат да чекаат - пред се организацијата на конклавата. Нивната улога е строго административна. Одлуките на општите конгрегации се носат со мнозинство гласови, а во овој период Католичката црква најмногу потсетува на демократијата.
Во актуелниот Устав, правото на избор на папа му припаѓа на Собирот на кардинали, исклучувајќи ги оние кардинали кои ќе наполнат 80 години на денот на смртта на папата. Максималниот број на кардинални електори не смее да надмине 120.
Гласањето се одвива во три фази и тајно, со писмено гласање.За да се избере нов папа потребно е двотретинско мнозинство.
Седисваканцијата завршува кога новоизбраниот поглавар на Католичката црква ќе го прифати изборот. Тогаш управувањето со Црквата и Ватикан автоматски преминува во негови раце.