Германската разузнавачка агенција во петокот ја класифицираше крајнодесничарската партија АфД како „докажана екстремистичка група“, класификација што веројатно ќе ја разгори дебатата за забрана на партијата.
Федералната канцеларија за уставна заштита (БфВ) објави дека нивната обемна истрага открила дека партијата следи екстремно националистичка и екстремистичка агенда, активно поткопувајќи го демократскиот уставен поредок на Германија.
„Преовладувачкото разбирање во партијата за луѓето врз основа на етничка припадност и потекло не е компатибилно со слободниот демократски уставен поредок“, нагласи БфВ во своето соопштение, истакнувајќи дека AфД се стреми да исклучи одредени групи на население од рамноправно учество во општеството, подложувајќи ги во исто време на дискриминаторски третман.
„На пример, AфД не ги смета германските граѓани со мигрантско потекло од муслиманските земји за рамноправни членови на општеството, бидејќи го дефинира германскиот народ исклучиво по етнички основи“, појаснува агенцијата во својата проценка.
Партијата АфД, позната по својот антиимиграциски став, првично беше ставена под прелиминарен надзор во 2019 година. Подоцна беше класифицирана како „осомничена екстремистичка група“ во 2021 година, ознака што ја потврдија судовите во Келн и Минстер и покрај правното оспорување од партијата.
Таа ознака им овозможи на безбедносните служби да користат посилни разузнавачки алатки за следење на активностите на партијата, како што се спроведување надзор на комуникациите и регрутирање информатори за следење на сомнителните активности на партиските ограноци и нивните врски со забранети екстремистички групи.
Германската крајно десничарска партија Алтернатива за Германија достигна највисоко ниво на поддршка на анкетите од минатиот месец, надминувајќи го главниот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ за прв пат.
Резултатите од анкетата на Ипсос објавени на 9 април покажаа дека АфД има поддршка од 25 проценти, што е за три процентни поени повеќе во однос на анкетата во март, додека централно-десничарската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, ЦСУ, паднаа на 24 проценти, што е нивното најниско ниво во последните три години.