Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Христијан Шмит, денеска изјави дека на седницата на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БИХ е потврдена поддршката за уставната рамка. И дека е потребна силна и функционална коалиција која се придржува до Дејтонската рамка и се фокусира на потребите на своите граѓани, работејќи кон интеграција во Европската Унија
„Ги повикуваме сите релевантни актери во Босна и Херцеговина целосно да го почитуваат и зачуваат уставниот мандат на Централната банка“, рече тој.
Потсетувајќи дека оваа година се одбележува 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, Шмит рече дека договорот ја завршил војната, но дека тој останува неопходна основа за мирна иднина за сите граѓани во БиХ.
„Често го слушаме терминот оригинален или вистински Дејтон, а ова може да се однесува само на целиот мировен договор што ѝ овозможува на БиХ да ја преземе одговорноста за одбрана на својот суверенитет и ги обврзува ентитетите да се придржуваат до сите одлуки на институциите на БиХ. Дејтонскиот мировен договор, исто така, потврдува дека БиХ постои како меѓународно призната држава во рамките на своите граници и дека нејзината внатрешна структура е изменета во 1995 година за да се состои од два ентитета“, рече Шмит.
Нагласувајќи дека состанокот на ПИК остро го осуди однесувањето на функционерите и властите на ентитетот Република Српска (РС), што директно ја доведува во прашање уставната рамка на БиХ, Шмит рече дека одлуките на Уставниот суд мора да се почитуваат и дека претходно пренесените овластувања на државно ниво на власт можат да се вратат на пониските инстанци на власта само со одлуки на државно ниво.
Критикувајќи ги потезите на владата на ентитетот РС, Шмит рече дека тие водат кон дестабилизација, политичка изолација и економски проблеми и дека не се во интерес на граѓаните на РС.
„Важно е да се повтори дека санкциите не се насочени против граѓаните на Република Српска“, рече Шмит, повикувајќи ги сите конструктивни актери да продолжат со соработката и да го бранат владеењето на правото.