Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека очекува наскоро да биде потпишан договор за поделба на приходите од минералите од ретки земји меѓу САД и Украина.
Трамп, како што пренесува Ројтерс, на новинарите во Белата куќа исто така им рекол дека Вашингтон разговара со Киев за можноста американските компании да поседуваат украински нуклеарни централи.
Делегација на САД во неделата се состана со украински претставници во Саудиска Арабија.
Разговорите во Ријад главно се фокусираа на прекинот на огнот во Црното Море, потсетува агенцијата, додавајќи дека Трамп рекол дека се појавиле и други теми.
„Се зборува за територија, за линии на разграничување, за сопственост на електрани. Некои велат дека САД треба да ги поседуваат електраните бидејќи имаме стручност“, рече американскиот претседател.
Доналд Трамп ја коментираше изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во интервју за магазинот Тајм рече дека Русија успеала да влијае на „некои луѓе во тимот на Белата куќа преку дезинформации“.
Според Зеленски, американските функционери ги повторувале руските дезинформации дури и кога нивните сопствени разузнавачки информации биле во спротивност со тоа.
„Тие веројатно биле под влијаение за да се реши оваа работа бидејќи Украина сака да го види тоа решено. Русија сака да го види тоа решено“. САД имаат голема група луѓе кои работат на ова“, рече Трамп.