Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека украинскиот претседател Владимир Зеленски ќе се соочи со сериозни последици ако се обиде да се повлече од договорот за ретки минерали.
„Направивме договор за ретки минерали, а сега тој вели - па, знаете, сакам повторно да преговарам за договорот“, рече Трамп.
„Тој се обидува да се повлече од договорот за ретки минерали, а доколку се повлече, ќе има проблеми. Големи, големи проблеми“, додаде Трамп.
Трамп исто така истакна дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО, нагласувајќи дека Зеленски е свесен за тоа.
Договорот требаше да биде потпишан за време на посетата на Зеленски во Белата куќа на 28 февруари, но тоа не успеа поради невообичаениот судир, во кој Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс го обвинија украинскиот лидер за неблагодарност кон американската поддршка низ годините.
Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, претходно овој месец обелодени писмо кое Зеленски му го испратил на американскиот претседател, во кое, според него, содржело извинување за инцидентот во Овалната соба.
Зеленски подоцна изјави дека Украина е подготвена да потпише договор за минерали и безбедност со САД во секое време, нагласувајќи дека тоа се гледа како чекор кон поголема безбедност и цврсти безбедносни гаранции.