Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедром Аданом Гебрејсус, изјави дека израелскиот напад во неделата врз болницата Насер во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, дополнително го оптоварил веќе преоптоварениот здравствен систем во енклавата, јавува Анадолу.
Израелскиот напад врз болницата „сериозно ја оштети хируршката сала, усмрти двајца луѓе и повреди осум луѓе“, напиша Гебрејесус на социјалната мрежа Х.
„Уништен е капацитетот за 35 болнички кревети, дополнително влошувајќи го здравствениот систем, кој веќе е преоптоварен поради обновеното насилство“, додаде тој.
Гебрејесус нагласи дека „здравствените установи не смеат да бидат цел на напади, треба да бидат заштитени и не смеат да бидат милитаризирани“, повторно повикувајќи на „ослободување на сите заложници и обновување на примирјето“.
Палестинското Министерство за здравство во неделата соопшти дека најмалку двајца Палестинци се убиени, а неколку други се повредени кога израелската Армија гранатирала болница во јужна Газа.
Според соопштението, нападот бил насочен кон хируршкиот оддел на болницата, при што биле убиени 16-годишник и уште еден Палестинец, а повредени се неколку пациенти и медицински персонал.
Израелската Армија на 18 март започна ненадејна воздушна кампања врз Појасот Газа, убивајќи најмалку 730 луѓе, а речиси 1.200 беа повредени, и покрај примирјето и договорот за размена на затвореници што беше постигнат во јануари.
Над 50.000 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а над 113.200 се повредени во бруталната израелска воена офанзива врз Газа од октомври 2023 година.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.