РЕГИОН
4 мин читање
За Јован, Андреј и другите херои
Пожарот во „Пулс“ згасна премногу животи, но на светлина исфрли нови херои кои покажа дека на оваа почва зарасната во коруптивен пиреј, сѐ уште виреат чесноста и човечноста, доблести кои даваат надеж дека не е се загубено
За Јован, Андреј и другите херои
Веројатно дека има и други кои ако биле таму би реагирале исто како Јован, Андреј, Гоце, но тие и сите други граѓани можат да бидат хумани и да донираат за семејствата на настраданите во Кочани / TRTBalkan
26 март 2025

Поминаа десет дена тага и очај по трагедијата во Кочани, која однесе 59 млади животи и ја зави земјата во црно. 

Трагедија која е резултат на 13 годишен лавиринт на криминал и неодговорност на најмалку 34 лица, кои низ годините, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и дозволиле дискотеката Пулс да стане место на најголемата трагедија во поновата македонска историја. 

Несреќата во Кочани ја прелеа чашата полна со чемер и може само да ги зголеми незадоволството и желбата на новите генерации да си заминат од Македонија.

Егзодусот на македонските граѓани во потрага по подобра иднина трае со децении, предизвикан од непроменливоста на системот изеден од корупција, од непотизам и партиски вработувања, кои ги оставаат младите без надеж дека државата ќе обезбеди еднакви услови за сите. 

И никој не може да им забележи дека грешат. Ова е последна шанса политичката гарнитура која е на власт да ја врати довербата во државата како место за пристоен живот на сите, не само на привилегираните. А тоа значи со целосна и праведна завршница на случајот Пулс и со казни за одговорните за трагедијата.

Заборавени вредности

Но ако Владата остане само на ветување дека ќе стави крај на владеењето на корумпираните и не се потруди да ги задржи тие што се подготвени да си заминат, можеби токму трагедијата во Кочани може да биде причина да ги натера да останат.

Пожарот во Пулс згасна премногу животи, но на светлина исфрли нови херои кои покажа дека на оваа почва зарасната во коруптивен пиреј, сѐ уште виреат чесноста и човечноста. Доблести кои даваат надеж дека не е се загубено.

„Сите сме Јован“. Со оваа порака во Виница беше пречекан 19 годишниот Јован Костадинов, скромното момче кое спаси 21 лице од пожарот во Пулс. Јован во втроникот дојде во локалната гимназија, откако помина седум дена на Клиниката за токсикологија поради вдишување зголемени концентрации на јаглероден моноксид.

Додека траел ужасот во запалената дискотека, Јован не размислувал и реагирал со присебност и храброст нетипична за неговата возраст и еден по еден ги вадел од пламенот заглавените гости во Пулс.

Затоа е во право училишниот психолог, која изрази надеж дека соучениците на Јован, но и не само тие, ќе извлечат поука оти е време да се почитуваат некои нови, или подобро кажано „заборавени“ вредности како хуманоста и чесноста, бидејќи, како што се вели, „херојот не е оној кој бестрашно се бори, туку оној кој ја пружа раката за помош во моментите кога другите се изгубени“.

Да извлечеме поуки

И не е само Јован, имаше и други херои кои трагичната ноќ дадоа сѐ од себа да ги спасат тие на кои помошта им беше неопходна. За жал, некои својата добрина ја платија со живот, а меѓу нив е и фудбалерот Андреј Лазаров.  

Печалбарот Андреј, кој по настапите во странство се врати во својата земја да ја продолжи својата кариера. Неговиот гест на храброст и човечност добива уште повеќе на тежина откако беше обелоденето дека воопшто не бил во дискотеката таа вечер.

Андреј бил на гости кај родителите и кога слушнал за пожарот веднаш и несебично истрчал да помогне. И тој неколку пати влегувал и излегувал од Пулс за да ги спасува другите, при што и самиот добил изгореници и труење со јаглероден моноксид. За жал, во болницата состојбата му се влошила и починал.

Да не го заборавиме и Андреја Ѓорѓиески- ДНК, кој, иако можел да се спаси и да остане подалеку од пламените јазици, влегол во дискотеката и спасил повеќе животи, но не успеал да излезе.

Херој е и возачот на Брзата помош Иле Гоцевски, кој цела ноќ ги превезувал повредените од Пулс. По несебичната пожртвуваност и неброено извозени километри Гоцевски си дошол дома по тешката ноќ, легнал да спие и не се разбудил.

Веројатно дека има и други кои доколку биле таму би реагирале исто како Јован, Андреј, Гоце, но тие и сите други граѓани може да ја покажат хуманоста така што ќе донираат за семејствата на настраданите во Кочани. Досега се собрани над еден милион евра помош и сигурно дека сумата ќе биде поголема. 

Иако нема пари кои можат да ја надоместат загубата на животите на нивните најмили, барем ќе добијат одредена утеха дека не се сами во трагедијата.

А сите заедно треба да извлечеме поуки и да направиме сѐ Кочани да биде крајот на агонијата и да почнеме да градиме држава со која ќе се гордееме, бидејќи тоа им го должиме на жртвите од Пулс.

Пишува: Игор Шегавиќ

* Ставовите изразени во написот му припаѓаат на авторот и не го одразуваат нужно уредничкиот став на ТРТ Балкан.


Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us