Кина е подготвена да соработува со Канада за подобрување на билатералните односи и заштита на слободната трговија, а меѓу двете земји нема клучни несогласувања, туку само традиција на пријателство и взаемна корист, изјави денес кинескиот премиер Ли Џијанг.
Во телефонски разговор со канадскиот премиер Марк Карни, Ли истакна дека развојот на Кина и Канада претставува можности, а не взаемна закана, пренесува агенцијата Синхуа.
Ли рече дека Кина е подготвена да соработува со Канада за заедничка заштита на мултилатерализмот и слободната трговија, промовирање на економската глобализација и мултилатералниот трговски систем за развој во вистинската насока и донесување поголема стабилност за светскиот мир и развој.
Ли рече дека Канада е една од првите западни земји што воспостави дипломатски односи со Кина, но дека во последните години се појавиле „непотребни“ тензии меѓу двете земји.
Кинескиот премиер изрази надеж дека канадската страна ќе вложи заеднички напори со кинеската страна, објективно ќе го набљудува развојот на Кина и ќе работи заедно за да постигне успех и просперитет.
Ли истакна дека постои огромен потенцијал за соработка меѓу Кина и Канада, бидејќи двете економии се „комплементарни“ и дека тие треба да ја прошират соработката во нови области како што се чистата енергија, климатските промени и научните и технолошките иновации.
„Канада е подготвена да ја подобри комуникацијата и координацијата со Кина, заеднички да го заштити меѓународниот финансиски и трговски систем и да придонесе за промоција на глобалниот одржлив развој“, рече Карни, според кинеската агенција.