Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) денеска соопшти дека околу 420.000 Палестинци се раселени во Појасот Газа од 18 март, откако Израел го прекрши договорот за прекин на огнот.
Во соопштението на агенцијата се вели дека хуманитарната помош и основните залихи не влегле во Газа од 2 март 2025 година, кога израелските власти воведоа целосна блокада.
„Оваа блокада трае веќе трипати подолго од онаа која беше воведена во октомври 2023 година, кога започна војната“, стои во соопштението.
УНРВА информираше дека израелската војска има издадено најмалку 20 наредби за принудна евакуација во период меѓу 18 март и 14 април, со што околу 69 отсто од територијата на Појасот Газа е под активни наредби за раселување или е прогласена за „зона во која е забрането движење“.
Агенцијата проценува дека речиси 420.000 лица се повторно раселени откако беше прекршен договорот за прекин на огнот.
„Повторното бомбардирање, заедно со целосната блокада на хуманитарната помош, сериозно ја попречуваат способноста на агенциите да одговорат на итните потреби-особено за храна, чиста вода, санитарни услови, засолништа и медицински материјали,“ се наведува во соопштението.
Од почетокот на нападите во октомври 2023 година досега во Газа убиени се најмалку 51.000 Палестинци, од кои повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.