Фудбалерите на Црвена звезда го победија Вардар со резултат 3:1 во хуманитарен натпревар одигран во Скопје во чест на жртвите од трагедијата во Кочани, а целиот приход од продадените 25.000 билети ќе биде испратен за семејствата на загинатите.
Пред почетокот на натпреварот, екипите излегоа на теренот со голем транспарент на кој пишуваше „Кочани“, а натпреварот беше накратко прекинат во 61. минута кога присутните на Арената Тодор Проевски со едноминутен аплауз им одадоа чест на 61 жртва во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март.
На полувремето публиката ги поздрави легендите на двата клуба, а Бошко Ѓуровски му врачи симболичен подарок на Кочо Димитрвски. Тука беа Владимир Петровиќ Пижон, Илија Најдоски, Бобан Бабунски, Драган Канатларовски, Жарко Ѓуровиќ, Цвијетин Благојевиќ, Недељко Милосављевиќ, Јовица Николиќ, Горан Попов и други.
Од спортски аспект, Вардар прв даде гол и поведе со 1:0 со погодокот на Михаил Маневски. Фудбалерот на „црвено-црните“ голот го посвети на неговиот колега Андреј Лазаров кој беше една од жртвите во „Пулс“.
Црвена ѕвезда сепак го покажа својот квалитет и до крајот на полувремето постигна два гола за водство од 2:1. Илиќ погоди за 1:1 во 41 минута, а потоа Катаи во 45 минута беше прецизен за водство на гостите.
Во вториот дел двата тима направија многу измени, а и во една таква ситуација, гостите беа доминантни на теренот. Во финишот на средбата, во 86 инута Сремовиќ погоди за 3:1 за Црвена ѕвезда и победа на српскиот првак.
Навивачката група на Вардар, „Комити“ на западната трибина имаше посебна кореографија со која им оддаде почит на загинатите во несреќата во Кочана.
Со огромни букви испишаа „Кочани“, а над натписот беше испишано „Ви благодариме“ на сите јазици од државите кои помогнаа во хоспитализацијата на повредените од несреќата.
Илија Најдоски, член на тимот кој стана светски и европски првак во 1991 година, се заблагодари на раководството на Звезда што прифатиле да одиграат хуманитарен натпревар во чест на загинатите во трагедијата во Кочани.
Легендарниот фудбалер на Црвена звезда, Бошко Ѓуровски, пред хуманитарниот натпревар меѓу Вардар и Звезда изјави дека Србите и Македонците се братски народи и уште еднаш изрази сочувство до семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани.