Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман по пристигнувањето во главниот град Ријад на почетокот на регионалната турнеја на Блискиот Исток.
Саудиската телевизија Ал-Икбарија објави дека Трамп и Бин Салман разговарале на кралскиот терминал на меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад.
Не се дадени никакви информации за содржината на нивните разговори.
Турнејата на Трамп на Блискиот Исток, негова прва откако ја презеде функцијата во јануари, вклучува и посети на Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
За време на состанокот на кабинетот Бин Салман ја поздрави посетата на Трамп на кралството, велејќи дека таа ќе придонесе за зајакнување на соработката и стратегиските партнерства меѓу двете земји во различни области.
Аналитичарите велат дека преполната агенда на Трамп ќе опфати широк спектар на регионални и глобални прашања - од трговија, инвестиции и вештачка интелигенција до војната во Украина, безбедноста на Црвеното Море, Газа, Сирија и иранското нуклеарно прашање - при што се очекува координација на високо ниво меѓу САД и нивните клучни партнери од Заливот.