Владата на американскиот претседател Доналд Трамп бара од Србија и други балкански земји да прифатат мигранти депортирани од САД, објави Блумберг во четврток.
Барањето до балканските земји е дел од пошироката американска стратегија за пронаоѓање странски влади кои се подготвени да примат депортирани мигранти, пишуваат американските медиуми повикувајќи се на неименувани извори, но не прецизирајќи за кои други балкански земји станува збор.
Белата куќа, Стејт департментот и Министерството за надворешни работи на Србија сè уште не ги коментираа написите на Блумберг.
Според еден извор, регионалните канцеларии на американскиот Стејт департмент добиле задача да ја презентираат оваа идеја на балканските држави. Не е познато дали се постигнати конкретни договори.
Врховниот суд на САД минатиот месец ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да го поништи привремениот правен статус на стотици илјади мигранти од Венецуела, Куба, Хаити и Никарагва кои живеат во САД.
„Волстрит џурнал“ во април објави дека САД размислуваат за испраќање депортирани мигранти во други земји, вклучувајќи ги Молдавија и Косово, како и во различни делови од светот.
Властите сега бараат потенцијални дестинации за оние мигранти кои може да бидат депортирани, пишува Блумберг.
Тие медиуми, исто така, наведуваат дека Србија е важна за семејството Трамп поради облакодерите во Белград што ќе ги гради инвестициска компанија чиј основач е Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател.
Договорите за прифаќање на депортирани мигранти не се без преседан во регионот. Сличен договор беше постигнат меѓу Италија и Албанија откако премиерката Џорџија Мелони ја убеди балканската земја да биде домаќин на центри за мигранти за луѓе пресретнати во обид да го преминат морето од Африка до Европа. Италија ги сноси трошоците за овие центри. Сепак, овој аранжман наиде на практични тешкотии и правни спорови пред италијанските судови.
Овие најнови разговори со балканските држави се одржуваат во време кога построгите американски политики за имиграција се соочуваат со предизвици во судовите. Повеќе од 200 мигранти, претежно од Венецуела, беа депортирани во затворите во Ел Салвадор.
За време на процесот, администрацијата на Трамп се повика на закон што претходно се користеше само во воени околности, кој му овозможува на претседателот да ги заобиколи федералните прописи за имиграција и да депортира „непријателски странци“ во случаи кога странска земја се заканува со „инвазија или мародерски упад“.