Сите училишта и градинки во државата се безбедни, покажал вонредниот инспекциски надзор инициран од локалната самоуправа, а контролите продолжуваат во станбените згради, соопштија од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
Од ЗЕЛС велат дека на денешниот состанок на управниот одбор еутврдено контролите да продолжат и кај летните тераси во координација со инспекторатите на централно ниво, бидејќи за дел од нив локалната власт нема надлежности.
„Во периодот кој следи, вонредните инспекции продолжуваат кај станбените згради, но во координација со дирекцијата за заштита и спасување која е надлежна за проверка на хидрантската мрежа. Контроли ќе има и кај урбаната опрема каде што се утврдени најголем број на неправилности како отстапки од елаборатот за летните тераси, а на денешната седница е донесен заклучок за воведување на унифицирана програма и правилник за поставување на урбана опрема која ќе биде задолжителна за сите општини и доколку е потребна законска интервенција за унификација тоа ќе биде побарано од законодавецот“, соопштија од ЗЕЛС.
Од Заедницата повторија дека состојбата со опременост на нивните инспекциски служби е лоша и дека се потребни нови вработувања за да се надмине недостатокот.
„Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа дваесет и шестата седница на која главна тема беше координирање на активностите што единиците на локална самоуправа ги преземаат во врска со вонредните инспекциски контроли во објектите од јавен карактер што се во нивна надлежност (училишта градинки, спортски сали, културни институции ..) за утврдување на сигурноста и заштитата на граѓаните. На сеницата беше заклучено секоја општина која располага со одредени инспекциски капацитети да ги стави на располагање на другите општини, по пат на меѓу-општинска соработка, таму каде има потреба за да може секоја општина темелно да ги провери сите објекти на својата територија“, соопштија од ЗЕЛС.
Беше нагласено дека и во изминатиот период, општините вршеле вакви контроли како редовен надзор спроведуван од службите, но дека вонредноста во сегашното постапување произлегува како реакција на неодамнешната трагедија во Кочани, како и дека во најмалку 40 општини нема или недоволно градежни инспектори.
Во делот на состојбите со безбедноста во , беше посочено
„Инспекторите за домување да одржат состаноци со управителите на колективни- станбени објекти, како и со регистрирани заедници на сопственици, во врска со почитување на пропишаните норми и стандарди за домување, особено во делот на заштита и спасување (хидранти, ПП апарати, помошни скали, лифт, фасада итн) утврдени во Закон за домување и Правилникот за норми и стандарди за домување во станбени згради, како и останатите законски и подзаконска регулатива“, рекоа од ЗЕЛС.
При тоа беше посочено дека треба да се отстапи место и на Регулаторна комисија за домување за спроведување на сите потребни активности, како и на Дирекција за заштита и спасување, но и да се обезбеди заедничко дејствување, се во насока на постигнување на поголема безбедност за граѓаните.
Од ЗЕЛС упатија препорака до директорите на училишта и јавни установи, сите јавни настани кои се планирани од локалната самоуправа да ги откажат, а во чест на жртвите од трагедијата во Кочани да се спроведе акција на пошумување.