Тим научници од британскиот универзитет во Кембриџ тврдат дека пронашле нови, досега најсилни докази кои укажуваат дека постои живот на далечната планета К2-18б, објавија британските медиуми.
Научниците кои ја проучувале атмосферата на оваа планета забележале знаци на молекули кои на Земјата ги произведуваат само едноставни организми, пишува Би-Би-Си.
Иако научниците се уште се претпазливи во толкувањето на резултатите, ова е втор пат хемикалии поврзани со појавата на живи организми, како што се диметил сулфид (ДМС) и диметил дисулфид (ДМДС), да бидат откриени во атмосферата на K2-18б со помош на телескопот Џејмс Веб на НАСА и овој пат со значително повеќе докази.
Овие гасови на Земјата обично се произведуваат од фитопланктонот и бактериите во морињата.
Научниот тим и независните астрономи, сепак, нагласија дека се потребни дополнителни податоци за да се потврдат овие наоди.
Водачот на истражниот тим Нику Мадусудан изрази надеж дека ваквите докази наскоро ќе бидат откриени.
„Ова е досега најсилниот доказ дека може да има живот на таа планета. Можам да кажам дека е реално тоа да го потврдиме за една или две години“, додаде тој.
Планетата K2-18б е два и пол пати поголема од Земјата и е оддалечена 124 светлосни години од нашата планета, што е далеку поголемо растојание отколку што било кој човек би можел да патува во текот на животот.
Мадусудан истакна дека доколку се докаже дека постои живот на таа планета, тогаш во суштина би се потврдило дека постоењето на живот е многу распространето во галаксијата.
Еден од членовите на научниот тим, астрофизичарот Субир Саркар,
изјави дека истражувањето сугерира дека планетата K2-18б би можела да има океан потенцијално полн со живи организми, но дека тоа сè уште не е сигурно.
Tелескопот Џејмс Веб е толку моќен што може да го анализира хемискиот состав на атмосферата на планетата врз основа на светлината што минува низ неа од малата црвена ѕвезда околу која орбитира.
Мадсудан рече дека е изненаден од количината на гас што се чини дека е откриена за време на само еден прозорец на набљудување.
„Количината што ја проценуваме во атмосферата е илјадници пати поголема од онаа на Земјата“, рече тој.
За почеток, оваа информација сè уште не го достигнува стандардот потребен за да биде прогласен за официјално откритие.
За да го направат ова, научниците мора да бидат 99,99999% сигурни дека нивните резултати се точни, а не случајно отчитување.
Во научен жаргон, ова се нарекува резултат „пет сигма“.
Овие најнови резултати се на ниво „три сигма“, што значи 99,7%. Тоа звучи како многу, но не е доволно за да се убеди научната заедница.
Сепак, тоа е значително повисоко од претходниот резултат „еден сигма“ од 68% што го имаа пред 18 месеци, што беше пречекано со скептицизам во тоа време.
Но дури и ако тимот од Кембриџ постигне резултат од пет сигма, тоа сепак нема да биде дефинитивен доказ дека постои живот на таа планета, вели проф. Кетрин Хејманс од Универзитетот во Единбург, која, патем, не е поврзана со истражувањето.
„Дури и со толкава сигурност, останува прашањето за потеклото на тој гас“, изјави таа за Би-Би-Си.
„На Земјата, тој е произведен од микроорганизми во океаните, но дури и со идеални податоци, не можеме со сигурност да кажеме дека е од биолошко потекло во вонземски свет, бидејќи во вселената се случуваат многу чудни работи и не знаеме кои други геолошки активности би можеле да ги произведуваат овие молекули на таа планета#.
Ова го предупреди и тимot од Кембриџ, кои соработуваат со други истражувачи за да се обидат да синтетизираат ДМС и ДМДС со небиолошки средства во лабораторија.
Алтернативни хипотези
Други истражувачки групи презентираа алтернативни, неживи објаснувања за податоците од K2-18б. Постои силна научна дебата не само за тоа дали овие молекули се во атмосферата, туку и за составот на самата планета.
Причината поради која многу научници претпоставуваат дека планетата има огромен течен океан е отсуството на амонијак во атмосферата на К2-18б.
Теоријата е дека амонијакот апсорбира огромна количина на вода под атмосферата. Сепак, истото може да се објасни и со океан од стопена карпа, што би го исклучило постоењето на живот, според проф. Оливер Шортл од Универзитетот во Кембриџ.
„Сè што знаеме за планетите надвор од нашиот Сончев систем доаѓа од микроскопски количества светлина што минува низ нивната атмосфера. Значи, тоа е неверојатно слаб сигнал што треба да го дешифрираме - не само за знаци на живот, туку и за сè друго“.
„Во случајот со К2-18б, дел од научната дебата сè уште се однесува на структурата на самата планета“, рече тој.
Д-р Николас Воган од Истражувачкиот центар Ејмс на НАСА има друга интерпретација на податоците.
Тој објави истражување во кое тврди дека К2-18б е мини-гасен гигант без цврста површина.
Овие алтернативни хипотези беа оспорени и од други истражувачи, тврдејќи дека тие не се во согласност со податоците собрани од телескопот - што дополнително го потврдува интензитетот на научната дебата околу K2-18б.
Проф. Мадусудан признава дека сè уште има огромен научен предизвик пред себе ако сака да одговори на едно од најголемите прашања на човештвото. Но тој верува дека неговиот тим е на вистинскиот пат.
„Можеби за неколку децении ќе погледнеме наназад на ова време и ќе го препознаеме како момент кога „животниот простор“ стана остварлив“, рече тој.
„Ова може да биде пресвртница – момент во кој одеднаш можеме да одговориме на основното прашање: дали сме сами во универзумот?
Истражувањето е објавено во научното списание The Astrophysical Journal Letters.