Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска телефонски разговарал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и го информирал дека Соединетите Американски Држави на состанокот во Париз на сите страни им ги претставиле контурите на одржлив и постојан мир во Украина.
Како што соопшти Стејт департментот, Рубио му ја пренел на Лавров истата порака што американскиот тим ѝ ја пренел на украинската делегација и европските сојузници на состанокот за Украина одржан денеска во Париз - дека Трамп и САД сакаат војната во Украина да заврши и дека сега на сите страни им ги претставиле контурите за одржлив и траен мир.
Рубио оцени дека охрабрувачкиот прием на американската рамка во Париз покажува дека мирот е можен, доколку сите страни се заложат за постигнување договор.
Како што соопшти руското Министерство за надворешни работи, Марко Рубио го информирал рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за контактите со Украина и претставниците на европските земји што се одржаа во Париз.
„На 17 април беше одржан телефонски разговор меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и државниот секретар на САД Марк Рубио. Државниот секретар, кој престојува во Париз, информираше за контактите што тој и специјалниот пратеник на американскиот претседател Стивен Виткоф ги имале со претставници на Украина, Франција и голем број други европски земји“, се вели во соопштението што го пренесува РИА Новости.
Се додава дека за време на разговорот било нагласено дека контактите во Париз се одвивале во согласност со темите на консултациите што се водени меѓу Вашингтон и Москва, вклучително и неодамнешниот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Виткоф во Санкт Петербург.
Во соопштението на руското Министерство се додава дека Лавров ја потврдил подготвеноста на Москва да ја продолжи соработката со американските колеги со цел сигурно елиминирање на основните причини за украинската криза.
„Министерот и државниот секретар се договорија да одржуваат оперативна комуникација, вклучително и во светло на состаноците планирани од Американците и Европејците со украинската страна следната недела“, се наведува во соопштението.
Во Париз денеска се одржаа разговори меѓу американските претставници Рубио и Виткоф, претставници на Украина и Франција, Велика Британија и Германија, чија тема беше војната за Украина.