Поранешниот англиски фудбалер Дејвид Бекам ќе ја добие титулата витез на претстојниот роденден на кралот Чарлс.
Според Би-Би-Си, Бекам ќе ја добие титулата за неговиот придонес во британското општество, а неговата сопруга Викторија ќе стане британска „лејди“.
Инаку, Бекам првпат беше номиниран за витез уште во 2011 година, но титулата беше одбиена поради неговата поврзаност со даночниот скандал, како и многу други познати личности од тој период.
Тогаш се очекуваше дека тој ќе ја добие наградата во 2022 година, откако стоеше во ред со луѓето 13 часа за да ѝ оддаде почит на кралицата Елизабета II, но дури и тогаш тој остана „со кратки ракави“.
Наместо него, признанието му беше доделено на тогашниот селектор на фудбалската репрезентација на Англија, Гарет Саутгејт.
Во 2003 година, Бекам го доби Орденот на Британската империја, од 2005 година е амбасадор на УНИЦЕФ, а има и свој фонд во таа организација.
Поранешниот капитен на репрезентацијата на Англија одигра клучна улога во кампањата за Олимписките игри во 2012 година, кои се одржаа во Лондон.
Тој е и амбасадор на Кралската фондација од 2024 година и ги поддржува образовните програми на кралот Чарлс.
За време на неговата фудбалска кариера, Бекам одигра 115 натпревари за репрезентацијата на Англија, беше член на Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Милан и Пари Сен Жермен.
Тој е ко-сопственик на англискиот тим од пониската лига Салфорд, како и претседател и ко-сопственик на Интер Мајами.