Македонската диригентка Елена Митревска која во моментов работи во операта во Малме, од јануарти следната година ќе биде уметничка директорка на двата хора на Данското радио.
Таа во 2008 година дипломира на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008. Во Виена, на Универзитетот за музика и изведувачки уметности дипломирала хорско диригирање и оркестарско диригирање. Од 2016 до 2020 работела како хор-мајстор во операта во Овиедо, Шпанија, а од 2020 е главен хорски диригент во операта во Малме, Шведска.
Успесите во нејзината кариера како хор мајстор и диригент се бројни. Последното признание стигна од Копенхаген.
“Првото прашање на интервјуто, ме прашаа зошто сакате да ја добиете позицијата. Јас реков заради мојата амбиција. Со таков ансамбл секогаш може да се цели повисоко и повисоко и повисоко и мене тоа ќе ми биде главен предизвик и главно задоволство. Вакви ансамбли го оформуваат звукот на денешнината и на иднината во хорската музика”, вели Митревска.
Под нејзината диригентска палка биле многу престижни хорови. Вели дека 80 проценти од работата на диригентот е сработена на пробите.
“Диригент и ансамбл хор или оркестар, тоа е како врска, мора да кликне, треба да функционира. Оркестарот секогаш гледа кон диригентот. Иако не гледа тие секогаш имаат контакт со движењето. И затоа тоа стапче тоа продолжување на диригентското стапче го зголемува движењето на раката. И затоа диригентот секогаш треба да носи црно за да биде контраст и да се види диригентското стапче”, изјави Митревска.
Елена потекнува од музичка фамилија каде секогаш има место за песна.
“Јас уште од мала бев носена на оперски претстави во Македонската опера и балет. И се сеќавам дека целата таа приказна и позади сцена и како целото тоа функционира изгледаше многу интересно за мене. Секогаш сме пееле заедно. И кога беше пандемијата најдовме начин да пееме заедно. Убаво е да се биде дел од музичка фамилија, изјави Елена.
Една од нејзините желби е да оствари соработка за хорска музика со македонски композитори.