Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денес објави дека одобрила нова петгодишна стратегија за Бугарија до 2030 година, со фокус на зелената транзиција, конкурентноста и отпорноста.
„Трите главни теми на нашиот ангажман во Бугарија во следните пет години, кои се и приоритети за владата се: забрзување на транзицијата на зелената економија, зголемување на конкурентноста преку иновации и продлабочување на финансиските пазари, како и зајакнување на економската отпорност и регионалната интеграција“, изјави директорката на ЕБОР за Бугарија, Мануела Несл.
Новата стратегија е тесно усогласена со националните приоритети на Бугарија и обврските на Европската Унија, се додава во соопштението.
Во 2024 година, инвестициите на ЕБОР во Бугарија се зголемија повеќе од двојно, достигнувајќи 272 милиони евра во споредба со 114 милиони евра од претходната година.
Повеќе од 90 проценти од овие инвестиции се наменети за зелената транзиција на Бугарија. Сите проекти на ЕБОР во Бугарија беа насочени кон приватниот сектор, што ја истакнува мисијата на Банката да го поддржи развојот на приватното претприемништво.
Европската банка за обнова и развој досега инвестираше повеќе од 4,7 милијарди евра во Бугарија и ќе продолжи да ја поддржува одржливата инфраструктура, растот на приватниот сектор и инклузивниот развој, се вели во соопштението.
Стотици луѓе, пак, вчера се собраа пред зградата на Народното собрание во Софија во поддршка на бугарскиот лев и организира нов протест против воведување на еврото.
Протестот следеше по одлуката на Европската комисија, која во среда во својот Извештај за конвергенција за 2025 година објави дека Бугарија е подготвена да го усвои еврото на 1 јануари 2026 година, откако ќе ги исполни сите потребни критериуми.