Аутопсијата на 15 членови на спасувачките и болничките служби убиени од израелските сили во Газа во март покажа дека повеќето од нив биле убиени од истрели во главата и трупот, како и дека биле повредени од експлозивни направи, објавија денеска британските медиуми.
Откривањето на нивните тела, кои беа закопани заедно со возила од израелски војници во Газа, предизвика силна осуда од меѓународната заедница, откако беше откриено дека израелската армија нападнала група болничари од палестинската организација Црвена полумесечина, како и припадници на цивилната одбрана и ОН додека тие спроведувале спасувачки операции, пишува Гардијан.
Откако беа пронајдени нивните тела, ОН изјавија дека тие биле егзекутирани.
Патологот од Газа, Ахмед Даир, кој изврши обдукција на 14 од вкупно 15 жртви, изјави за Гардијан дека открил „влезни рани од куршуми, како и повреди предизвикани од експлозивни направи“ и дека тие најмногу биле концентрирани во пределот на градите, стомакот, грбот и главата.
Даир додаде дека се пронајдени и остатоци од експлозивна муниција што експлодирала во телото, како и фрагменти од шрапнели.
Израелската армија (ИДФ) се уште не ги коментира овие наводи.
Според Гардијан, деталите за инцидентот сè уште се нејасни, бидејќи на видеото што се појави во јавноста се гледа почетокот на нападот на конвојот со амбулантни возила, но сè уште се нејасни настаните што следеа и погребувањето на телата на 15 жртви во масовна гробница.
Израелската армија, без да понуди докази, соопшти дека шестмината убиени невооружени спасувачи и болничари се оперативци на Хамас, што Црвената полумесечина негираше.
Најновото откритие најверојатно ќе го зголеми притисокот врз Израел да ги открие сите околности на инцидентот, за кој тврдат дека се уште се истражува, пишува Гардијан.
Оваа недела беше откриено дека еден од болничарите што го преживеа инцидентот, Асад ал-Нсасрах, е во израелско заробеништво.
Организацијата Лекари без граници вчера објави дека Газа станува масовна гробница за Палестинците.
Испораките на хуманитарна помош за Газа беа блокирани од Израел од 2 март, повеќе од две недели пред да пропадне договорот за примирје меѓу Израел и Хамас, потсети Гардијан.
Израел потоа ја продолжи својата копнена и воздушна офанзива врз Газа и рече дека ќе продолжи да ја блокира хуманитарната помош додека Хамас не ги ослободи преостанатите заложници што ги држеше од нападите на 7 октомври 2023 година.