Европа треба да одлучи дали е подготвена повторно да воведе санкции на Иран кога ќе стане јасно дека Техеран е блиску до развој на нуклеарно оружје, изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио.
„Европјаните треба да донесат одлука, бидејќи верувам дека сите треба да очекуваме дека наскоро ќе добиеме извештај од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во кој се вели дека Иран не само што не ги почитува правилата, туку и дека е опасно блиску до тоа да може да произведува оружје, повеќе од кога било“, рече Рубио во Париз по состанокот со европските лидери.
Рубио истакна дека американската администрација бара мирно решение со Иран, но дека никогаш нема да толерира таа земја да развива нуклеарно оружје.
Коментирајќи го можниот договор меѓу Вашингтон и Техеран, тој посочи дека таков договор треба да го спречи Иран да направи нуклеарно оружје во иднината, а не само во следните десет години.
Рубио претходно изјави дека САД ќе престанат да посредуваат во мировните преговори меѓу Русија и Украина во наредните денови ако нема јасни сигнали дека може да се постигне мировен договор.
Тој посочи дека американскиот претседател Доналд Трамп се уште е заинтересиран за постигнување договор, но дека е подготвен да се справи со „другите светски проблеми“ ако нема договор меѓу Киев и Москва.
Директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ), Рафаел Гроси од вчера е во посета на Техеран и ќе разговара со иранското раководство за иранската нуклеарна програма.