Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека е под голем притисок поради неговата одлука да присуствува на Парадата на победата на 9 мај во Москва, но дека не ја променил својата одлука.
Вучиќ ѝ се обрати на јавноста од Палатата Србија и говореше за низа теми, вклучувајќи ја и неговата најавена посета на Русија и истрагата дали биле користени звучни уреди на неодамнешните протести во Белград.
„Влегуваме во период на огромна дипломатска активност, како и голем притисок во врска со Парадата на победата на 9 мај во Москва, 80 години од победата над фашизмот, во која најавивме мое и учество на една единица на војската на Србија“, посочи Вучиќ.
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Каја Калас, ги предупреди европските партнери да не ја посетуваат Москва за Денот на победата, туку да покажат поголема поддршка за Украина. Таа предупреди дека Брисел сериозно ќе ги сфати ваквите посети.
Покрај Вучиќ, посета на Москва најави и словачкиот премиер Роберт Фицо, кој остро го критикуваше предупредувањето на Калас. Посетата на Москва претходно ја најави Милорад Додик претседателот на Република Српска ентитетот на Босна и Херцеговина.
Вучиќ најави и дека Србија ќе продолжи да разговара за договорите за гас, како и иднината на НИС, која е под санкции на САД.
Нагласувајќи дека евентуалните нови санкции би можеле да влијаат на оперативноста, функционалноста и борбената ефикасност на српската армија, Вучиќ рече дека не знае колку долго ќе може да го издржи притисокот, но дека се воздржал три и пол години да не воведува санкции кон Руската Федерација.
Тој најави и дека ќе отпатува за Охајо, САД, каде ќе присуствува на прославата на годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот договор.
Српскиот претседател Вучиќ изјави и дека Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), по истрагата за настаните на протестите на 15 март, заклучила дека може да се донесе категоричен заклучок дека за време на протестите во центарот на Белград не биле користени акустични уреди од типот што ги поседува српската полиција.
Во обраќањето до јавноста од Палатата Србија, Вучиќ рече дека официјалниот извештај на ФСБ пристигнал вчера и дека извештајот е објавен на веб-страницата на БИА.