Директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ), Рафаел Гроси денеска изјави дека Иран има доволно материјал за да направи неколку нуклеарни бомби, но официјален Техеран сѐ уште нема нуклеарно оружје.
„Сепак, тие не се далеку од тоа“, предупреди Рафаел Гроси во интервју за францускиот весник Монд неколку часа пред неговата посета на Техеран.
Според него, Иран има уште многу да помине пред да успее да направи атомска бомба.
„Не е доволно да ѝ кажете на меѓународната заедница дека немате нуклеарно оружје за да ви веруваат. Мораме да можеме да го потврдиме тоа“, посочи Гроси.
Директорот на МААЕ во Техеран ќе разговара со иранското раководство за иранската нуклеарна програма.
Иранската државна новинска агенција ИСНА јави дека Гроси ќе се сретне со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, а утре со директорот на Организацијата за атомска енергија на Иран, Мохамад Еслами.