Фудбалерите на Арсенал со победа од 1:2 на гостински терен го елиминираа бранителот на трофејот во Лигата на шампионите, Реал и се пласираа во полуфиналето, каде ќе игра и Интер, кој дома ремизираше 2:2 со Баерн и со тоа ја сочува предноста од првиот меч.
Арсенал - Пари Сен Жермен и Барселона - Интер ќе играат во полуфиналето на 29 и 30 април, односно 6 и 7 мај.
По победата од 3:0 во Лондон, Арсенал успеа да слави во реваншот и со тоа да стигне до првото полуфинале во Лигата на шампионите по сезоната 2008/09.
Најдобрата можна шанса да поведе клубот од Лондон ја имаше во 13. минута, но Букајо Сака многу лошо го изведе пеналот, па Тибо Куртоа го одбрани.
Сака се искупи во 65. минута кога беше стрелец по асистенцијата на Микел Мерино. Само две минути подоцна израмни Винисиус Јуниор по големата грешка на Вилијам Салиба. Во третата минута од судиското надополнување, Габријел Мартинели по еден контранапад им донесе победа на „топчиите“.
Натпреварот во Мадрид го одбележа и рекордот на Лука Модриќ кој за Реал одигра 134 натпревари во Лигата на шампионите, еден повеќе од Карим Бензема.
По победата од 1:2 во Минхен, Интер успеа да го задржи водството и да се пласира во полуфиналето.
Баерн поведе во Милано со голот на Хари Кејн во 52. минута, по асистенција на Леон Горецка. Шест минути подоцна израмни Лаутаро Мартинез, кој најдобро се снајде по корнерот на Федерик Димарко и со удар од десетина метри ја испрати топката во мрежата.
Целосен пресврт за Интер донесе Бенжамен Павар со гол со глава по корнер од другата страна, кој го изведе Хакан Чалханоглу.
Во 76. минута, по центаршутот на Серж Гнабриј, Ерик Дајер го израмни резултатот на 2:2, а до крајот на натпреварот Баерн и покрај големата иницијатива и опсада на голот на Интера не можеше да постигне гол за продолжение.