Премиерот на Хрватска и лидер на ХДЗ Андреј Пленковиќ тврди дека владејачката коалиција на неговата партија со Татковинското движење е многу цврста и стабилна и дека соработката ќе продолжи како и досега.
Пленковиќ го изјави ова во големо постизборно интервју за ХРТ, одговарајќи на прашање за поразот на кандидатот на Татковинското движење за градоначалник на Вуковар, Домагој Билиќ, кој ја имаше и поддршката на ХДЗ.
Губењето на власта на Татковинското движење во Вуковар по 11 години аналитичарите го сметаат за најголем пораз за тоа движење, чиј претседател Иван Пенава беше претходниот градоначалник.
Аналитичарите веруваат дека Татковинското движење падна на најниска точка и не ја исклучуваат можноста дека ова би можело да го наруши партнерството со ХДЗ на Пленковиќ на национално ниво.
Пленковиќ вели дека му е жал што Билиќ и Никола Бендера не добија мнозинска поддршка од гласачите, но дека „Вуковар останува важен“ за сите влади на ХДЗ.
„Тоа е град во кој инвестиравме и кој ќе продолжиме да го следиме“, рече Пленковиќ и тврди дека поразот на локалните избори во Вуковар не значи слабеење на односите со Татковинското движење.
„Коалицијата е многу силна, многу стабилна, а соработката со партнерите продолжува како и досега“, рече Пленковиќ.
ХДЗ, рече тој, доби доверба во 282 локални и регионални самоуправи на локалните избори, што е речиси 49 проценти од вкупниот број.
Тој оцени дека тоа е голем чекор напред за ХДЗ, убедлива и доминантна победа, која, како што вели, ја продолжи серијата победи на неговата партија по минатогодишните парламентарни избори, освен изборите за претседател на Републиката.
Сега кога завршува суперизборниот циклус, Пленковиќ вели дека доаѓа период на стабилност за Хрватска.
„Време е за квалитетна работа од страна на владата и Парламентот. Имаме национална стратегија за развој, цели во економската, социјалната, транспортната и образовната политика“, рече Пленковиќ.