Израелската армија изврши напад врз детската болница Ал Дура во населбата Туфах во градот Газа, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Соопштено е дека нападот погодил соларни панели на покривот на болницата и на одделот за интензивна нега.
Беа споделени слики и фотографии на кои се гледа штетата на болницата која беше цел на израелската армија. Сепак, не се соопштуваат информации дали во болницата има мртви или повредени.
Палестинските власти во Газа честопати тврдат дека израелската војска намерно врши напади врз здравствените центри и инфраструктурата во Газа.
Според владината канцеларија за медиуми во Газа, израелската војска гаѓала 164 здравствени установи во Газа од 7 октомври 2023 година.
Вон функција се 38 болници и 81 здравствен дом.
По прекинот на огнот кој стапи на сила на 19 јануари во Појасот Газа, израелската армија ги продолжи нападите утрото на 18 март.
Оттогаш, 1.890 Палестинци, главно постари, жени и деца, се убиени во израелските напади, а 4.950 се ранети.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, загинаа 51.266 Палестинци, а 116.991 беа повредени.
Израел, кој го прекрши примирјето, најави дека ќе дејствува со „зголемена воена сила“ против Хамас, велејќи дека ги отфрлил новите понуди за прекин на огнот.
Од друга страна, Хамас рече дека „Израел не ги исполни ветувањата и го продолжи геноцидот врз палестинскиот народ во Појасот Газа со тоа што не ги исполни своите одговорности кон земјите кои посредуваа за прекинот на огнот“.
Израел ги започна своите напади врз Газа во сенка на контроверзните политички потези на премиерот Бенјамин Нетанјаху, како што е разрешувањето на директорот на домашната разузнавачка агенција Шин-Бет.