Палестинската група на отпорот Хамас објави дека е подготвена да ги ослободи сите заложници во замена Израел да ги запре нападите врз Појасот Газа, да се повлече од Газа и да ја обнови.
Лидерот на Хамас во Газа, Калил ал Хаје, ја коментираше понудата на Израел за делумен прекин на огнот.
Тој рече дека го отфрлиле предлогот за делумен прекин на огнот, по чие завршување ќе бидат обновени нападите врз Газа.
„Подготвени сме веднаш да започнеме преговори за сеопфатен пакет кој предвидува ослободување на сите затвореници во замена за прекин на нападите на Израел, целосно повлекување од Газа, почеток на реконструкција и крај на блокадата“, рече тој.
Хаје рече дека ја поздравуваат позицијата на американскиот специјален пратеник за заложници, Адам Болер, кој рече дека војната и заложничката ситуација треба да завршат заедно и дека тоа се совпаѓа со ставот на Хамас.