Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа потпиша извршна наредба за реципрочни царини за земјите ширум светот.
Туркије е меѓу земјите кои ќе се соочат со царини од 10 отсто заедно со Обединетото Кралство, Кенија, Исланд, Панама, Етиопија, Либан, Того и други.
Канада и Мексико нема да подлежат на нов тарифен режим откако се соочија со претходни казни наметнати од Трамп во обид да ги притисне да ја спречат миграцијата и протокот на нелегален фентанил преку американската граница.
На самиот врв е Камбоџа, со планирана тарифа од 49 отсто, потоа Виетнам со 46 отсто и Шри Ланка со 44 отсто. Од земјите во регионот за Србија се воведени царини од 37 проценти, за Босна и Херцеговина од 35 проценти, Северна Македонија 33 проценти, додека за Албанија и Косово царините ќе изнесуваат 10 проценти.
ЕУ подготвува реципрочни мерки по царините на Трамп
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека новонајавените реципрочни царини на американскиот претседател Доналд Трамп за државите ширум светот се „голем удар“ за глобалната економија, предупредувајќи дека светската економија „масовно ќе страда“.
„Најавата на претседателот Трамп за универзални царини за целиот свет, вклучително и за Европската унија, е голем удар за светската економија. Длабоко жалам за овој избор. Истовремено, подготвени сме да одговориме. Веќе го финализираме првиот пакет контрамерки како одговор на царините за челик“, рече Фон дер Лајен на прес-конференција.
Нетанјаху пристигна во Будимпешта и покрај налогот за апсење од МКС
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утрово пристигна во официјална посета на унгарската престолнина Будимпешта, пркосејќи на налогот за апсење издаден за него од страна на Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради воени злосторства во Газа.
Според веб-страницата „Израел нешнал њуз“, Нетанјаху, придружуван од сопругата Сара, ја започнал четиридневната официјална посета на европската земја.
Допрва треба да се соопштат деталите за неговата агенда во Унгарија, но се очекува тој да се сретне со државниот врв.
Средба Мицкоски – Филипче во Владата
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче денеска во 14:00 часот ќе се сретнат во Владата. Претходно тие „ќе се соочат“ и во пленарната сала во Собранието каде премиерот и министрите ќе одговараат на опозициски прашања. Се очекува Филипче на средбата во Владата да му го образложи на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ неговиот план за долгорочна стратегија на државата која би се изготвила со политички дијалог. Ова е прва средба меѓу нив по стапувањето на премиерската функција на Мицкоски и преземањето на претседателската позиција во СДСМ од страна на Филипче.
Израелската армија изврши упад во сириска Дара среде артилериско гранатирање
Израелската армија изврши упад доцна во средата во близина на градот Нава во западната провинција Дара, во јужна Сирија, јавуваат локалните медиуми.
„Израелската окупациска армија напредуваше со неколку воени возила во шумска област во близина на браната Џабалије, во близина на градот Нава во западниот дел на Дара, што се совпадна со активноста на извидувачките авиони во областа“, соопшти гувернерот на Дара преку својот канал Телеграм.
Тоа е се за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com