Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека го бранел достоинството на Украина за време на тензичниот јавен разговор со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа кон крајот на февруари.
„Во разговорот со Трамп во Белата куќа, го бранев достоинството на Украина... Зошто Украинците се бранеа на почетокот на оваа војна? Тоа беше за достоинство. Ние не се сметаме себеси за некаква суперсила“, рече Зеленски во интервју за „Тајмс“.
Тој изјави дека Украинците се многу емотивни и дека кога станува збор за нивното чувство за достоинство, слобода и демократија, овој народ се крева и се обединува.
Зеленски рече дека за време на жестоката средба со Трамп во Овалната соба минатиот месец, имал чувство дека САД „не заземаат позиција на сојузник“.
„Но, во тој момент имаше чувство дека не сме сојузници или дека не сме зазеле позиција на сојузници“, нагласи украинскиот лидер, осврнувајќи се на средбата со Трамп во Белата куќа на 28 февруари, која прерано заврши со вербален судир.
Зеленски рече дека верува оти претставниците на американската претседателска администрација „почнале да му веруваат на зборот на рускиот претседател Владимир Путин“.
Според него, американските функционери ги повторувале руските дезинформации дури и кога нивните сопствени разузнавачки информации биле во спротивност со тоа.
Тој како пример ја наведе тезата за „опкружување на украинските војници во Курск“, тврдење кое Трамп го повтори неколку пати по разговорот со Путин.
„Тоа беше лага. Американските разузнавачки агенции, вклучително и ЦИА, му рекоа на Трамп дека украинските војници не се опколени, но Трамп продолжи да го повторува руското тврдење. Верувам дека Русија, со помош на дезинформации, успеа да влијае на некои луѓе во тимот на Белата куќа. Нивниот сигнал до Американците беше дека Украинците не сакаат да ја прекинат војната и дека треба да се направи нешто за да се натераат“, заклучи Зеленски.