Украина на денешните преговори со САД во Џеда, Саудиска Арабија, прифатила примирје со Русија од 30 дена.
“Украина изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за донесување итен, привремен 30-дневен прекин на огнот, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, а кој е предмет на прифаќање и истовремено спроведување од страна на Руската Федерација“, се вели во заедничката изјава објавена по разговорите одржани во Џеда.
Според соопштението, САД веднаш ќе ја укинат паузата за споделување разузнавачки информации со Украина, како и ќе ја продолжат безбедносната помош за Киев.
Понатаму, се вели дека украинската делегација, за време на разговорите, повторила дека партнерите на Киев во Европа ќе бидат вклучени во мировниот процес.
„На крајот, претседателите на двете земји се согласија да склучат што е можно поскоро сеопфатен договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина за да се прошири украинската економија и да се гарантира долгорочниот просперитет и безбедност на Украина“, се додава во соопштението.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека „топката сега е на теренот на Русија.
„Денеска дадовме понуда што Украинците ја прифатија, а тоа е да влеземе во прекин на огнот и вонредни преговори за завршување на овој конфликт на траен и одржлив начин“, рече Рубио заедно со американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц.