Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека нападите врз мостовите во пограничните региони минатата недела покажале дека Украина не сака мир.
Седум лица беа убиени, а повеќе од 110 беа повредени кога се урнаа два патни моста во руските региони Брјанск и Курск во ноќта на 31 мај. Истражниот комитет на Русија вчера ги опиша нападите како „терористички чин“ извршен „по наредба на режимот во Киев“.
Украина ниту потврди ниту негираше дека е вмешана во нападите.
За време на состанокот со владини претставници, Путин го повтори ставот на Русија дека нападите се „терористички акти“, повикувајќи се на меѓународните норми. Тој рече дека одлуките за нападите се донесени во Украина, на политичко ниво.
„Сите злосторства извршени врз цивилите во пресрет на следната рунда мировни преговори што ја предложивме во Истанбул сигурно имаа за цел да го попречат процесот на преговори“, рече Путин“.
Рускиот претседател ја обвини украинската влада дека постепено се претвора во терористичка организација, додека партнерите на Киев ги нарече соучесници на терористи.
„Како можат да се одржуваат вакви состаноци во овие услови? За што треба да разговараме? Кој преговара со оние што се потпираат на терор, со терористи?“, праша Путин, осврнувајќи се на предлогот на Украина за безусловно примирје пред евентуалната средба на лидерите.